Извозот од Европската Унија достигна 2.583 милијарди евра во текот на 2024 година, што е повеќе од 2.437 милијарди евра регистрирани за увоз и резултираше со суфицит од 146 милијарди евра, објави Евростат.
Канцеларијата на ЕУ задолжена за статистика наведува дека минатата година, врз основа на вкупното учество во трговијата на Европската Унија, машините и возилата биле најважната категорија стоки, при што извозот достигнал 1.013 милијарди евра или 39,2 проценти од вкупниот износ, додека увозот изнесувал 801 милијарда евра (32,9 проценти), што довело до суфицит од 212 милијарди евра.
Хемикалиите и сродните производи следеле со 560 милијарди евра извоз (21,7 проценти) и 322 милијарди евра увоз (13,2 проценти), што резултирало со најголем трговски суфицит меѓу овие категории, од 237 милијарди евра.
Храната, пијалоците и тутунот, исто така, донесоа плус од 52 милијарди евра во Европската Унија (209 милијарди евра извоз наспроти 157 милијарди евра увоз).
Кај другите видови производи е забележан трговски дефицит, а најголем е кај минералните горива, мазива и сродни материјали и изнесува 355 милијарди евра (131 милијарда евра извоз, наспроти 466 милијарди евра увоз).
Во случајот со суровините, тој беше помал и изнесуваше 28 милијарди евра (68 милијарди евра извоз во споредба со 96 милијарди евра увоз).



