Во Македонија разликите во платите сè повеќе стануваат тема за дебата – од една страна информатичарите и службениците во државните агенции, а од друга најобичните работници кои едвај врзуваат крај со крај во месецот.
Според официјалните податоци, распонот на плати се движи од минималните 24.379 денари до просечни 68.000 денари. Но, кога ќе се погледне по гранки и сектори, сликата е далеку посложена.
Најзагрозени остануваат општите работници, чии примања обично се движат меѓу 22.000 и 35.000 денари, со просек од 28.000 денари.
Слично е и во текстилната, кожарската и конфекциската индустрија – таму просекот изнесува околу 30.500 денари, со минимална плата од 24.000 и максимална од 38.500 денари.
Работниците велат дека ова е недоволно дури и за основни трошоци.
„Кога ќе ја платиш киријата и сметките, ти остануваат пари само за најосновно. А за нешто повеќе – заборави“, раскажува работник од една скопска конфекција, кој сакаше да остане анонимен.
Спротивно на тоа, секторите кои некогаш се сметаа за најпосакувани – банките и телекомуникациите – веќе не се на врвот.
Таму просечните плати се околу 46.000 до 50.000 денари.
„Не е дека се малку, ама кога ќе видиш дека службеници во државни агенции земаат и по 80-90.000 денари, нормално е да се прашаш што не е во ред“, коментира еден банкарски службеник.
Најдобрите услови и најдебелите џебови очигледно се кај државните агенции и комисии, каде што просекот лесно надминува 70.000 денари, а во одредени институции оди и до 90.000 денари.
ИТ секторот исто така останува меѓу најплатените, со плати кои значително ја надминуваат државната просечна линија.
„Побарувачката е голема, добрите програмери практично си ја диктираат цената. Компаниите немаат избор ако сакаат да ги задржат“, вели еден ИТ-програмер.
Овие разлики создаваат чувство на неправда и го хранат незадоволството.
Работниците од индустриите со најниски примања велат дека додека тие броеле денови до следната плата, државните агенции и информатичарите практично играат во сосема друга лига.
А прашањето што останува да виси е – колку долго ќе може да опстане ваквата нерамнотежа без последици?
Б.З.М.



