Му се пријадува на човек, влегува во бурекчилница и одеднаш – четвртина бурек чини колку порано што чинеше половина пита, а грамажата… некако се стопила.
Граѓаните со години наназад сведочат дека бурекот, некогаш најевтиниот и најсигурен појадок, стана речиси луксуз.
„Пред три-четири години четвртина бурек беше 50 денари. Сега одиш, 90, 100 денари… а не е тоа четвртина, тоа е едвај осмина“, вели еден скопјанец кој редовно појадува во локална пекара.
Покачувањето на цените на бурекот е само дел од трендот со кој поскапуваат сите бели печива.
Лепчињата се намалија на тежина, кифлите што некогаш беа набрекнати сега изгледаат скромно, а цената сепак расте.
„Бурекот мора да се мери, како што е во Босна и Херцеговина. Таму купуваш по тежина, и знаеш што добиваш. Кај нас некаде четвртина е пристојна, некаде е смешна. И на крај, плаќаш исто“, реагира друг граѓанин кој смета дека токму оваа „еластичност“ во големината им овозможува на пекарите дополнителна заработка.
Некои велат – стандард треба да има. Ако е пита бурек еден килограм, тогаш четвртина мора да биде 250 грама. Без простор за игра.
Но, во пракса ретко е така. Се случува бурекот да тежи помалку, а продавачот да каже:
„Епа така е сега, тоа е четвртина“. И човек останува гладен, со чувство дека бил излажан.
Инфлацијата си го прави своето, велат економистите, а бурекот е само уште една жртва.
Сепак, кај луѓето има и нешто повеќе – емоција, бидејќи бурекот не е обично јадење, туку симбол на секојдневието.
И токму затоа секое поскапување толку боде во очи.
„Последно што очекував е бурекот да ми стане луксуз. А сега одам, купувам четвртина и морам после тоа пак да си купам нешто, бидејќи не сум сит“, раскажува еден пензионер.
Се чини дека излезот би бил токму во воведување на правило – продажба по тежина. Само тогаш ќе се знае што точно плаќа потрошувачот, без двоумење дали четвртина е четвртина, или пак, едно мало парче кое некако… повеќе личи на осмина.
Б.З.М.



