Новите правила за увоз на автомобили стапија на сила, но возачите кои се надеваа дека ќе купат половен автомобил по пониска цена, ќе мора да го остават оптимизмот на страна.
Увозниците едногласно велат – поевтинување нема да има. Она што ќе се промени е самиот процес на увоз: документите ќе се завршуваат побрзо, а административните трошоци ќе бидат малку пониски.
Но конечната цена што ја плаќа купувачот – останува недопрена.
„Овој правилник не носи поевтинување. Тој само ја скратува процедурата и ги олеснува обврските околу хартиите“, вели еден од долгогодишните увозници во Скопје.
Тој додава дека цената на возилото на пазарот не ја диктираат овие документи, туку даноците и давачките кои следат при увоз.
Царина, ДДВ, акциза – токму тие ја креваат сметката, а не административниот дел.
За автомобил кој во странство чини 20.000 евра, македонските давачки достигнуваат од 3.000 до 5.000 евра.
„Тие бројки се непоместливи. Сè додека државата не ги намали овие ставки, цената нема да мрдне надолу“, додава увозникот.
Граѓаните пак, кои во изминатиов период внимателно следеа што ќе донесат новите правила, се чувствуваат изневерени.
„Се надевавме дека ќе биде поевтино, барем за малку. Сите зборуваа дека ќе има промени, а на крај само документите ќе ги завршуваат побрзо. На крајот пак ќе платиме исто“, коментира еден купувач кој со месеци бара половен автомобил за семејството.
Познавачите на автомобилскиот пазар предупредуваат и дека евентуалното намалување на цената на половните возила би можело да дојде само од една причина – големата понуда.
„Ако навистина дојде бран на увезени автомобили, тогаш конкуренцијата може да ги спушти цените за да се продаде побрзо возилото. Но тоа нема врска со новиот правилник, туку со економската логика на пазарот“, вели аналитичар кој следи автомобилска индустрија.
Се добива впечаток дека државата направи мал чекор кон олеснување на процедурите, но не и кон вистинско растоварување на џебот на купувачите.
Цените остануваат таму каде што беа – високи за домашниот стандард. А луѓето и понатаму ќе сметаат… можеби нешто ќе се смени, ама не сега.
Б.З.М.



