Денеска беше пуштена во употреба нова делница од автопатот Кичево-Охрид во должина од 17 километри од Климештани до Охрид.
-За два месеци вкупно 34 километри пуштивме за сообраќај во активна употреба што веќе претставува многу повеќе од половина од целиот автопат, а до крајот на следната година останува да го завршиме целиот автопат. Разликата е јасна, претходно седум години ништо не се работеше, сега со посветена работа успеваме овој автопат да го градиме и да го пуштаме во сообраќај, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој заедно со премиерот Христијан Мицкоски, директорот на ЈП за државни патишта Коце Трајановски и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков го пуштија во сообраќај, делот од Климештани до Охрид.
-Денес пуштаме во употреба нова делница од автопатот Кичево-Охрид. Ова не е само уште еден пат, ова е силен доказ дека Македонија се движи напред, дека се гради и дека се надминуваат долгите години на застој. Речиси една деценија овој проект беше симбол на закочени и незавршени, или би рекол недовршени работи. Граѓаните со право беа разочарани, гледаа градилишта кои стојат, а не патишта што се користат. И за жал поради таквата слика голем дел од нашите сограѓани и го оставија својот живот овде. Денес ја менуваме таа слика. Денес покажуваме дека таму каде што имаше застој-има решение, таму каде што имаше недоверба – има резултати. Автопатот Кичево-Охрид е од стратешко значење за нашата земја. Тој е главна артерија за поврзување на југозападна Македонија со остатокот од државата и со Охрид – град кој е не само наш туристички бисер, туку и светско културно наследство. Со овој автопат, Охрид и целиот регион добиваат нова енергија за развој, нови шанси за туризмот и нова перспектива за економијата. Со побрзо, полесно и побезбедно патување, овој автопат ќе донесе повеќе туристи, повеќе инвестиции и повеќе можности за локалната економија, изјави премиерот Мицкоски.



