ПочетнаЕКОНОМИЈАПостигнатите економски резултати за БДП, невработеност и инфлација под лупа на експертите!

Постигнатите економски резултати за БДП, невработеност и инфлација под лупа на експертите!

Последните економски резултати кои ги испорача македонската економија, под лупа ги стави Институтот за економски анализи и политики Finance Think. Растот на Бруто домашниот производ, стапката на невработеност, движењето на инфлацијата, ова се трите сегменти на кои експертите дадоа акцент и образложенија за движењето на стапките и перспективите за во иднина.

Податоците за растот на македонската економија во вториот квартал од 2025 година, покажаа дека БДП се зголеми за 3.4% на годишна основа, и тоа благо ја забрза динамиката од претходните квартали. Експертите Finance Think сметаат дека потрошувачката на граѓаните има посериозен удел во ваквата проекција. Дополнително тие сметаат дека растот на бруто инвестициите кои изнесува 6% останува високо варијабилен, додека, извозот со 9.1% и увозот 8% зголемување, закрепнаа по продолжен период на стагнација и падови. Од институтот дополнуваат дека варијабилноста и понатаму ги одразува неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и од царинската политика на САД.

„Остварувањето е во линија со нашите очекувањата изразени во претходниот Макроекономски монитор и проекцијата од 3.5% за целата 2025 година. Забрзувањето е, во голема мера, водено од растот во личната потрошувачка (3%), која продолжи да го отсликува позитивниот реален раст на платите, растот на пензиите и другите доходи и интензивираната кредитна поддршка на домаќинствата. Додека, јавната потрошувачка (-1%) се намали по интензивирањето во текот на 2024. На производната страна, растот во овој квартал е на широка основа како и претходно, со благи забрзувања кај земјоделството (1.8%) и индустријата (3.9%), а задржување на динамиката кај градежништвото (7.3%) и услугите (2.7%).“ – велат од ФТ.

Што се однесува до невработеноста, таа во вториот квартал од 2025 забележа понатамошно благо намалување и се спушти на 11.5% од 11.7%. Но, во овој квартал, се намали и активноста на населението на 52.2% од 52.4%, како резултат на тоа што се намали вработеноста на 46.2% (од 46.3%). Овие движења упатуваат на зголемување на воздржаноста на пазарот на труд.

„Губењето 1,000 работни места во нето износ во однос на претходниот квартал е секторски хетерогено. Најмногу работни места се изгубени во ИТ секторот (над 4 илјади, поради глобални секторски трендови) и јавната администрација (над 3 илјади), а креирани се работни места во градежништвото (над 4 илјади), хотели и ресторани (близу 4 илјади) и земјоделството (над 3 илјади), односно секторите со солиден реален раст на додадената вредност.“ – велат од ФТ

Во анализираниот период, инфлацијата благо забави на 3.8% на годишна основа и тоа од од 4.2%, но и понатаму остана висока, додаваат експертите. Опстојувањето е сé повеќе сврзано со ефектите од порастот на реалните доходи врз потрошувачката како раст на базичната инфлација од 4.9%.

„Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна. Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи во текот на 2025 година. Ризик за растот остануваат глабалните неизвесности, а на домашната сцена основен ризик е упорната инфлација. Finance Think останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3.5%, додека проекцијата за растот на цените се ревидира на 3.7% од 3.1%.“, сметаат од ФТ.

Ова истражување на Finance Think им помага на носителите на политиките, застапниците на политиките, креаторите на мислење, економските новинари и јавноста, да ги разберат прашањата кои влијаат врз обичните граѓани. Институтот смета дека е потребно подобрување на економските, социјалните и развојните политики и реформи преку продуцирање докази, базирани на истражување и водени од податоци.

И.П.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП