Американскиот пазар на труд покажа знаци на сериозно забавување.
Во август беа создадени само 22.000 нови работни места, додека стапката на невработеност се искачи на 4,3 проценти, што е највисоко ниво од 2021 година, соопшти Бирото за статистика на трудот (BLS).
Економистите очекуваа 76.500 нови работни места во август и невработеност од 4,3 проценти, според проценките на FactSet, но официјалните податоци покажаа многу послаб резултат.
Покрај слабиот раст на вработеноста, ревидираните податоци покажуваат дека американската економија изгуби 13.000 работни места во јуни, првиот негативен месец на вработеност од декември 2020 година. Со ова заврши вториот најдолг период на раст на вработеноста во историјата на Соединетите Американски Држави.
Економистот Кристофер Рапки, оцени дека „големата американска машина за вработување запре“, според CNN.
Приносите на американските државни обврзници нагло паднаа бидејќи инвеститорите бараат безбедност во очекување на економско забавување.
Слабоста на пазарот на трудот ја потврдуваат и други индикатори. Приватниот сектор значително ја намали вработеноста, бројот на нови апликации за надоместоци за невработеност достигна тримесечен максимум, отпуштањата се забрзаа и за прв пат по четири години, бројот на слободни работни места е помал од бројот на луѓе што бараат работа, додава американската медиумска компанија.



