Во лето секогаш се повторува истата слика: туристичките агенции нудат попусти во последен момент, а граѓаните со нетрпение чекаат да ги зграпчат тие „last minute“ понуди.
Сценариото веќе е добро познато, но прашањето е – зошто луѓето се решаваат да ризикуваат и да чекаат до последен ден? Одговорите се повеќеслојни, како и самата економска реалност.
„Семејството одамна сакаше одмор, ама кога ќе видиш дека цените за јули и август скокаат, едноставно не можеш да резервираш однапред. Чекавме и на крајот најдовме пакет за Турција по речиси половина цена“, ни вели Славица од Скопје.
Во последно време многу домаќинства ги кројат своите планови во последен момент, а токму финансиската состојба е еден од главните двигатели.
Со инфлацијата и постојаните поскапувања, луѓето тешко планираат буџет шест месеци однапред. Затоа повеќето решаваат да чекаат и да видат што ќе „испадне“ – ако има попуст, одат – ако не, остануваат дома.
Туристичките агенти се свесни за ова и токму затоа се врткаат со „last minute“ стратегии за да ги наполнат празните места во автобусите и авионите.
Но, не е само економијата. Некои едноставно не сакаат да бидат врзани долго време однапред.
„Работам во приватна фирма и никогаш не знам точно кога ќе добијам одмор. Ако резервирам порано, ризикувам да изгубам пари. Затоа чекам – па што ќе фатам“, раскажува Дејан, 32-годишен ИТ вработен.
Секако, постои и тој мал елемент на авантура. Луѓето се возбудуваат од идејата дека во последен момент ќе најдат нешто „ексклузивно“ и ќе се чувствуваат како да победиле на лотарија. Некои дури велат дека тоа чувство на неизвесност е половина од шармот.
Агенциите, пак, не гледаат соодветен интерес да се откажат од вакви понуди.
„Подобро е да се продаде и по пониска цена, отколку да остане празно седиште. На крајот сите се задоволни – патниците затоа што заштедиле, а ние затоа што не сме во загуба“, објаснува туристички агент од Скопје.
И така, кругот се затвора. Граѓаните чекаат до последен момент, агенциите свесно оставаат простор за тоа, а туристичката сезона се движи напред со истото темпо. Еден ризик, една игра со нервите, ама и еден тренд што – изгледа – нема брзо да исчезне.
Секој си има своја логика и пресметка, ама едно е јасно: „last minute“ не е само маркетиншка финта, туку начин на живот за многу Македонци кои сè помалку веруваат дека плановите може да се прават долгорочно.
Некои ќе кажат дека тоа е реалност, други дека е стил. А можеби е и едното и другото…
Б.З.М.



