Осигурителната индустрија во сегментот на неживотно осигурување забележа позитивни финансиски резултати во првата половина на 2025 година. Вкупните приходи од работењето достигнаа 5,94 милијарди денари, што претставува раст од 7,16% во однос на истиот период минатата година.
Клучен двигател на резултатите е порастот на бруто полисираната премија, која изнесува 7,97 милијарди денари, односно 18,7% повеќе во споредба со првото полугодие од 2024 година. Нетo заработената премија достигна 5,1 милијарди денари, со годишен раст од 7,23%.
Истовремено, значаен пораст е евидентиран кај премиите во соосигурување (+146,9%), додека преносот кон реосигурување пораснал за над 51%, што укажува на поголема диверзификација и распределба на ризикот.
Приходите од вложувања бележат умерен раст од 3,6%, достигнувајќи 304 милиони денари. Најголем придонес имаат каматните приходи и позитивните курсни разлики, додека реализираните капитални добивки бележат пад. Приходите од провизии за реосигурување, пораснале за над 10% и изнесуваат 361 милион денари.
Вкупните расходи од работењето пораснале за 4,4%, на ниво од 5,46 милијарди денари. Исплатените бруто штети се зголемени за 15,8%, достигнувајќи 2,73 милијарди денари, но истовремено има значително намалување на резервите за штети, што делумно го амортизира овој раст.
Трошоците за спроведување на осигурувањето, како што се административните и трошоците за стекнување, се зголемиле за 8,8%, надминувајќи 2,55 милијарди денари, при што провизиите и платите на вработените во продажните мрежи имаат најголем удел.
Како резултат на зголемените приходи и контролираните трошоци, добивката пред оданочување изнесува 496,7 милиони денари, што претставува раст од 43% во однос на минатата година. Добивката по оданочување достигна 486,6 милиони денари, или 41,4% повеќе во споредба со првото полугодие од 2024 година.
С.Б.
*Податоците се од извештајот за работењето на осигурителната индустрија на АСО. Целиот извештај можете да го видите на следниов ЛИНК.



