Граѓаните на општина Аеродром и утрово се пожалија на силна миризба на гума и пластика. Вардариште повторно беше зафатено од пожар, ширeјќи токсичен чад кон населбите во Скопје кој претставува сериозна закана за здравјето на граѓаните.
Од утрово имаше бројни реакции на социјалните мрежи за силна и непријатна миризба што се шири низ домовите, а дел од граѓаните се жалат и на отежнато дишење, особено повозрасни лица и деца.
Жителите на Аеродром три дена по ред протестираат против загадувањето кое доаѓа од Вардариште. Се собираат секој ден од 18 до 19 часот и ја блокираат крстосницата меѓу Булевар Асном и Булевар Србија кај паркот “Авионче” и бараат институциите да преземат итни мерки.
“Граѓаните се оставени сами на себе, додека отровниот чад веќе петти ден се шири низ Скопје, загрозувајќи го здравјето на илјадници жители”, велат гневните граѓани.
Граѓаните велат дека ќе протестираат и блокираат сè додека не се обезбеди трајно решение за депонијата Вардариште.



