„Кога ќе дојде први во месецот, не мислам на ништо друго освен на киријата“, вели Емилија, самохрана мајка од Скопје.
Таа плаќа 350 евра месечно – половина од својата плата – и признава дека многу пати морала да одложи сметки за струја или да купува храна на вересија, само за да не доцни со плаќањето.
„Детето расте, има потреби, а јас живеам со страв дека ако задоцнам, газдата ќе ми рече – барај друго место“.
Скопје одамна го надмина својот праг на достапност. Двособен стан во Центар ретко се наоѓа под 400 евра, во Карпош цените за еднособни одат и до 380, а опремен стан во Тафталиџе или Козле лесно достигнува 400 евра.
Во Аеродром, кој некогаш важеше за „поевтин кварт“, денес цените се меѓу 250 и 320 евра, а само Кисела Вода и Ѓорче Петров уште држат понуди од околу 200 до 250 евра – но таму изборот е ограничен и често со послаби услови.
„Работам во ИТ и имам солидна плата, ама пак ми е тесно“, признава Марко (29) од Ѓорче. „Давам 400 евра за стан, плус 150 за сметки. Тоа е половина плата. Кога ќе соберам, за живот ми остануваат само бројки на хартија“.
Податоците покажуваат дека просечната кирија во Скопје е сè уште пониска од онаа во Белград, каде еднособен стан во центарот лесно надминува 600 евра, или во Загреб, каде цените за гарсоњери се движат од 450 до 550 евра.
Сепак, ако се земе предвид просечната плата – околу 730 евра во Македонија, наспроти повеќе од 1.000 евра во Хрватска или Србија – станува јасно дека товарот на изнајмувачите во Скопје е далеку потежок.
Друг пример е Софија, каде кириите за еднособни станови се блиску до 500 евра, но со просечна плата која е двојно повисока од македонската, таму луѓето сепак имаат простор за дишење.
Во меѓувреме, цените на становите за купување растат со вртоглаво темпо. Народната банка забележа скок од 19,4% во првиот квартал од 2025 година. Тоа значи дека квадрат во централните скопски општини чини меѓу 2.000 и 3.000 евра – скоро недостижно за семејства со просечни приходи.
„Кога повеќе од половина приход оди за кирија, а сопствено купување стан е недостижна мисија, тоа создава затворен круг од кој граѓаните тешко излегуваат“, предупредува аналитичарот Ведран Кузмановски.
Ана, студентка од Битола која изнајмува гарсоњера во Скопје, го кажува тоа со горчина: „
Имам стипендија од 6.000 денари. Сè што добивам од дома – за кирија и храна. Некогаш морам да бирам – дали да одам дома за викенд или да купам материјали за факултет. Нема и двете“.
Проблемот не е само во бројките. Сопствениците ретко склучуваат долгорочни договори, па изнајмувачите живеат во постојан страв – што ако од следниот месец киријата е повисока? Тоа е психолошки товар што тешко се мери, но многумина велат дека е еднакво тежок како и самата финансиска сметка.
И тука доаѓа големата парадоксална слика: во Скопје кириите се пониски од оние во Белград, Софија или Загреб, но затоа што платите се значително пониски, токму скопјани го чувствуваат најсилниот удар.
На хартија, бројките се само статистика. Во реалноста, тоа се ноќи без сон и разговори на кујнската маса: како да се преживее месецот, кога кровот над главата ја јаде половината од животот.
Б.З.М.



