ПочетнаЕКОНОМИЈАЗанаетчиите од Североисточниот регион со серија на барања до сите кандидати за...

Занаетчиите од Североисточниот регион со серија на барања до сите кандидати за градоначалници од овој дел на Македонија!

Локалните избори не се битни само за жителите, за граѓаните кои живаат во општините каде се бира нов градоначалник. Тие се многу важни и за бизнисот, за приватниот сектор, за стопанствениците. Поради тоа Регионална занаетчиска комора – Куманово која го покрива Североисточниот регион и тоа Општина Куманово, Општина Липково, Општина Старо Нагоричане, Општина Крива Паланка, Општина Ранковце и Општина Кратово излезе со барања до сите кандидати за градоначалници на општините од Североисточниот регион. Подобра економија значи и подобар живот за сите граѓани.

Од Регионалната занаетчиска комора – Куманово, како институција што ги застапува интересите на занаетчиите и малите бизниси во целиот Североисточен регион, испрати барања и предлози со кои велчат дека се од суштинско значење за развојот на локалната економија, зачувување на традицијата и поддршка на занаетчиите.

Како прво нешто што треба да се стори занаетчиите сметаат дека треба да биде намалување на фирмарината. Според нив фирмарината претставува значителен финансиски товар за малите занаетчии. Тие бараат истата да се намали со цел да се олесни работењето и да се поттикне регистрирањето на нови занаетчиски бизниси. Второто барање на комората е да се премести Дирекцијата на УЈП од Штип во Куманово. Нивното образложение за ова барање е тоа што Куманово е поголем град со значително повеќе економски чинители од Штип и сега бараат Дирекцијата на Управата за јавни приходи да се премести од Штип во Куманово.

„Ова е потребно затоа што, Куманово е трет по големина град во државата и економски центар во регионот. Голем број занаетчии, претприемачи и компании секојдневно имаат административни потреби, моменталната состојба е апсурдна – за еден документ занаетчиите од Куманово мораат да патуваат во Штип, што претставува дополнителен трошок и загуба на време. Со преместување на Дирекцијата во Куманово ќе се добие поефикасна администрација, поголема достапност за граѓаните и рамноправна распределба на институциите според големината и економската моќ на градовите“, велат од комората.

Од суштинско значање за занаетчиите е почитувањето на Законот за занаетчиство и зголемување на бројот на паушално оданочени занаетчии.

Иако Куманово е еден од најголемите градови, според официјалните статистики има само 7 паушално оданочени занаетчии, што е речиси 1% од вкупниот број на национално ниво. Затоа сега тие бараат почитување на законските одредби и овозможување на повеќе паушално оданочени занаетчии, со цел поголема формализација на дејноста.

„И покрај тоа што локалната самоуправа во минатиот мандат обезбеди простории, тие се недоволни. Во една од нив веќе е отворена градска сувенирница, што е за поздравување, но Комората има потреба од дополнителни канцеларии:

  • за состаноци,
  • за предквалификација и квалификација според потребите на пазарот,
  • за реализација на мајсторски испити,
  • за спроведување на обуки и проекти.
    Бараме овие простории да бидат обезбедени во Занаетчискиот дом, кој по правило треба да биде во сопственост на Комората, како што е случај во Скопје и други градови.“ додаваат од комората

Занаетчиите ги потсетија идните градоначалници дека никако не смеат да ги заборават младите и поддршката за нив.

Иако постојат владини мерки за поддршка на младите, секоја локална самоуправа може дополнително да одвои сопствен буџет за оваа цел, се наведува во дописот. Занаетчиите бараат и Општина Куманово и останатите општини од регионот да формираат посебни програми за финансиска и логистичка помош на младите кои сакаат да отворат занаетчиска дејност или сопствена фирма, за да им се овозможи старт и одржлив развој. Но, занаетчиите бараат и поддршка за старите занаети и промоција на Куманово преку сувенири.

Бараат средствата предвидени за поддршка на старите занаети да се зголемат двојно, а воедно да се обезбеди поддршка и за развој на сувенири кои ќе го претставуваат Куманово и целиот Североисточен регион.

Тоа што е голема болка за занаетчиите е сивата економија. Велат дека се потребни заеднички активности со локалната власт за намалување на сивата економија која директно ги оштетува регистрираните занаетчии. Занаетчиите се сигурни дека секој кандидат за градоначалник од регионот може и треба да ги прифати овие барања, бидејќи тие претставуваат реални и издржани чекори за развој на Североисточниот регион, подобрување на условите за работа на занаетчиите и заживување на локалната економија.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП