Кога музиката ќе замолкне и ќе се изгаснат светлата од прославата, пред матурантите останува едно прашање кое одѕвонува погласно од сите песни: факултет или Германија?
На хартија, Македонија има универзитети, факултети, професори, програми. Но реалноста зборува поинаку.
Секоја година илјадници млади не гледаат иднина во амфитеатрите и лабораториите, туку во фабричките хали во Минхен или во старечките домови во Франкфурт.
Според последните бројки, бројот на запишани студенти паднал за четвртина во последната деценија, додека бројот на младински визи за Германија и Австрија расте експлозивно.
„Останав без половина од класот“, вели професорка од скопска гимназија. „Некои добија договори за негуватели, други заминаа во магацини. Децата што беа одлични ученици, наместо да пишуваат дипломски трудови, денес бројат кутии во логистика“.
Последиците веќе се чувствуваат. Здравствениот систем се соочува со алармантен недостиг на медицински сестри. Во училиштата тешко се наоѓаат наставници по математика и физика.
„Ако ваквиот тренд продолжи, ќе увезуваме лекари од Непал и наставници од Филипини“, предупредува професорката. „И тоа не зашто сакаме мултикултура, туку затоа што младите овде заминуваат пред да наполнат 20 години“.
А приказните зад бројките знаат да болат. На пример, Марко од Велес сонува да стане доктор.
„Ама мојот најдобар другар веќе е во Штутгарт. Вели дека таму за три месеци зема повеќе отколку што татко ми зема за година. Јас ќе пробам со факултет, ама ако ништо не се смени… којзнае“, вели Марко.
Од другата страна, Александар од Кочани, кој замина веднаш по матурата:
„Во Германија сум веќе две години. Работам, плаќам кирија, не зависам од никого. Да останев, ќе барав од мама пари за цигари. Овде барем знам колку ќе ми легне на сметка“.
Родителите се резервирани. Еден татко од Куманово вели:
„Јас сакам ќерка ми да учи, ама кога гледам како другарка ѝ за три месеци во Германија носи повеќе пари од мене за цела година, што да ѝ кажам?“
Дилемата, всушност, одамна не е само „факултет или Германија“. Таа е симптом за држава што не успева да им понуди на младите ништо повеќе од празни ветувања.
Секој автобус полн со матуранти што заминува не е само статистика – тоа е пораз кој се мери во изгубени генерации.
Б.З.М.



