ПочетнаЕКОНОМИЈАПушачите незадоволни од новите цени – еве како реагираат на новото поскапување

Пушачите незадоволни од новите цени – еве како реагираат на новото поскапување

Дел од цигарите на македонскиот пазар веќе поскапеа за 10 денари, а трговците најавуваат дека истата судбина ги чека и останатите марки.

Производителите го правдаат потегот со повисоката акциза и зголемените трошоци, но пушачите – како и секогаш – најсилно ја чувствуваат променава во сопствениот џеб.

Во кратка анкета на улиците на Скопје и Битола, реакциите се поделени меѓу лутина, резигнација и едноставно прифаќање на реалноста.

„Јас пушам една кутија дневно. Тоа значи плус 300 денари месечно. Можеби на некого тоа не му изгледа многу, ама мене платата ми е 32.000 денари. Сè се собира“, ни рече Љупчо, возач на автобус од Кисела Вода.

Други пак, велат дека навиката е посилна од секое поскапување.

„И да се качи уште 20 денари, ќе ги купувам. Што да правам? Дваесет години сум пушач, не можам да престанам од денес за утре“, призна Снежана, продавачка во трговски центар.

Меѓу анкетираните имаше и такви што се надеваат дека поскапувањето ќе им стане мотив за да се откажат.

„Ми е жал за парите што ги фрлам. Искрено, секое поскапување ме потсетува дека треба да се откажам од пушењето. Ако дојде кутија на 200 денари – готово, ќе се обидам сериозно“, вели Александар, студент од Битола.

Но, има и цинични забелешки.

„Ако мислат дека ќе нè одвикнат со акцизи – се лажат. Само повеќе ќе нè удираат по џебот. Пушачите ќе најдат начин – ќе купуваат поевтини, ќе бараат од Србија или од Бугарија“, вели Горан, самостоен занаетчија.

Според последните измени на Законот за акцизи, од јануари оваа година акцизата на цигарите расте секоја година за 0,23 денари по парче – систем кој ќе важи до 2030 година. Истото важи и за сите други тутунски производи, вклучително и течноста за електронски цигари.

Економистите предупредуваат дека државата чекор по чекор ја приближува акцизната политика кон европските стандарди, што ќе значи редовни и предвидливи поскапувања. Прашањето е – дали граѓаните ќе можат да ги издржат.

„Се чини дека ова е најдобриот пример како државата, под параван на усогласување со ЕУ, всушност полни буџет. А пушачите… тие остануваат најверните даночни обврзници“, коментира еден од соговорниците.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП