ПочетнаКОМПАНИИСудот пресуди, нема поделба - Google останува како целина

Судот пресуди, нема поделба – Google останува како целина

Американскиот федерален судија Амит Мехта во вторникот не нареди распад на технолошкиот гигант Google во антимонополската тужба поднесена од Министерството за правда на САД, и покрај пресудата од август минатата година дека Google нелегално го монополизирал пазарот за реклами што се појавуваат покрај резултатите од пребарувањето на интернет, објавија американските медиуми.

Судијата Амит Мехта го отфрли барањето на Министерството за правда да го принуди Google да го одвои својот веб-прелистувач Chrome и производите на Android. Но, тој пресуди дека Google мора да сподели дел од своите податоци за пребарување со конкурентите.

Разделувањето на Google на неколку помали компании би било најголемата антимонополска акција во модерната историја и би можело да се спореди со присилното разделување на телекомуникацискиот гигант AT&T во 1984 година и неуспешниот обид на владата да го раздели Microsoft на почетокот на милениумот.

Мехта пресуди во август дека Google освоил 90 проценти од пазарот за пребарување на интернет во партнерство со Apple, а Google имал слични договори со производители на мобилни телефони и оператори како Samsung и Verizon.

Иако Google нема да биде принуден да го продава својот прелистувач Chrome или оперативниот систем Android, ќе мора да им стави на располагање одредени податоци од пребарувањето на квалификуваните конкуренти за да ја поттикне конкуренцијата.

Исто така, нема да му биде дозволено да склучува или одржува ексклузивни договори за дистрибуција за услуги како Chrome, пребарување, Google Assistant и апликацијата Gemini.

Доминацијата не се протега на вештачката интелегенција

Според CNN, тужбата ја следат внимателно и други технолошки гиганти како Apple и Meta, кои исто така се соочуваат со антимонополски тужби од американската влада.

Мехта напиша во пресудата дека појавата на алатките за генеративна вештачка интелегенција го променила текот на случајот, каде што осигурувањето дека доминацијата на Google во пребарувањето не се протега на вештачката интелегенција била клучен дел од процесот.

Google тврди дека усогласувањето со барањето на Министерството за правда би им наштетило на потрошувачите, со тоа што би им го отежнало пристапот до нивниот омилен пребарувач и би можело да ја наруши американската економија и американското лидерство во технологијата.

Со години, Google потпишуваше договори за ексклузивност вредни повеќе милијарди долари со производители на уреди како Apple, за да ја обезбеди својата позиција како стандарден пребарувач на паметни телефони и веб-прелистувачи, промовирајќи ја својата доминација, и според судот, неправедна предност врз основа на навиките на потрошувачите, а не на изборот.

Мехта рече дека до 2025 година, дури 95 проценти од сите мобилни веб-пребарувања во САД ќе се вршат преку Google.

Тужбата против Google ја поднесе администрацијата на поранешниот американски претседател Џо Бајден, а ја продолжи администрацијата на Доналд Трамп.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП