„Google“ воведе нова опција во најновото ажурирање на „Google Play Services“, која носи дополнителен слој на безбедност за корисниците на „Android“.
Имено, поставките на системот за заштита од кражба (Theft Protection) сега автоматски се зачувуваат во „Google Cloud“, така што при враќање на податоци или префрлување на нов уред, овие поставки се враќаат без потреба од рачно активирање.
Овој пакет вклучува функции како што се „Theft Detection Lock“, „Offline Device Lock“ и „Remote Lock“, кои им овозможуваат на корисниците да го заштитат својот телефон во случај на кражба или губење. Досега, сите овие опции мораа повторно да се овозможат по фабричко ресетирање или префрлување на друг уред.
Важно е да се напомене дека резервната копија важи само за моменталната состојба – ако функциите за заштита беа исклучени, тие ќе останат такви дури и по враќањето на зачуваните податоци.
Новата функционалност пристигнува преку верзијата 25.34 на „Play Services“, а испораката, како и обично, ќе биде постепена во текот на септември, па затоа можеби нема да биде веднаш достапна за сите корисници.



