Со стапувањето во сила на новиот Правилник за одобрување и техничка проверка на возила од 1 септември, Македонија по првпат целосно го усогласува системот со европските стандарди.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека по 17 години конечно се затвора едно поглавје – импортерите повеќе нема да плаќаат за скапи TÜV потврди од странство, туку целиот процес ќе се одвива кај домашните застапници и преку Бирото за метрологија.
Што точно се менува?
Најголемата новина е тоа што возилата со европско одобрение за тип (т.н. WVTA) ќе можат без дополнителни комплицирани процедури да добијат зелено светло и кај нас.
Единечно одобрување ќе се бара само за модели кои немаат признат тип ниту во Македонија ниту во ЕУ. Со ова се скратуваат роковите, се поедноставуваат документите и, барем на хартија, се намалуваат трошоците.
Економистите пресметуваат дека годишно од земјава излегувале околу 1,3 милиони евра за потврди издавани во странство. Овие пари отсега остануваат дома, бидејќи потврдите за техничка усогласеност ќе ги издаваат овластените застапници.
Цената ќе биде јасна: меѓу 40 и 50 евра, наместо двојно или тројно повеќе, како што често се случувало досега.
Ќе поевтинат ли автомобилите?
Тука е и најчувствителното прашање – дали ова автоматски значи пониски цени на авто-плацовите?
„Теоретски, да – затоа што дел од трошокот што го имаше импортерот сега исчезнува“, вели за нашиот медиум еден од долгогодишните застапници на автомобили, кој инсистира на анонимност. „Но реално, цената на возилото се формира од многу повеќе фактори: берзански движења на челик, логистика, курс на еврото, па дури и сезонска побарувачка“.
Од Авто-мото сојузот додаваат дека за нови возила со фабричко европско одобрување нема повеќе „скриени“ административни трошоци и тоа може да донесе симнување од неколку стотици евра на крајната цена.
„Кај половните возила ефектот ќе биде уште појасно видлив, бидејќи голем дел од нив веќе имаат европско одобрение“, вели еден од нивните претставници.
Да се биде внимателен
Сепак, дел од експертите предупредуваат дека не треба да се создава еуфорија.
„Импортерите секако ќе ги пресметаат заштедите, но тоа не значи автоматски дека купувачите ќе ги почувствуваат на каса“, нагласува економистот Ведран Кузмановски. „Некои ќе одлучат да ја задржат разликата како профит, особено ако побарувачката е силна. Единствениот реален гарант за поевтинување е конкуренцијата“.
Новите правила секако носат олеснување: пократки рокови, регулирани цени на услугите и елиминирање на непотребна бирократија. Но, дали ќе доведат до вистински ценовен пресврт на пазарот на автомобили – тоа останува да се види.
За сега, едно е јасно: наместо да плаќаме на странски компании, парите ќе останат кај домашните застапници. А тоа, ако ништо друго, создава простор – конкуренцијата меѓу нив да биде факторот што конечно ќе ја притисне цената надолу.
Б.З.М.



