Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва се обрати до јавноста за прв пат по седум дена, како што претходно беше најавено од Белата куќа.
Трамп објави дека седиштето на американската вселенска команда ќе биде преместено од Колорадо во Хантсвил во државата Алабама, кое го нарече „прекрасно место“ и симболично го преименува во Ракетен град.
„Штабот на американската вселенска команда ќе се премести во Хантсвил, кој отсега ќе биде познат како Ракетен град“, рече Трамп, додавајќи дека новата база ќе игра клучна улога во развојот на таканаречената Златна купола – штит за ракетна одбрана по моделот на израелската „Железна купола“.
Според него, и други земји покажале интерес за учество во тој проект.
„Канада се јави и сака да биде дел од тоа, и тоа ќе биде одлично“, рече Трамп.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, рече дека Хантсвил ќе им овозможи на САД да ја одржат доминацијата во вселенската трка.
„Долго сме понапред во вселената, но ова ќе ни обезбеди да останеме напред, бидејќи тоа е најважната област. Кој и да го контролира небото, ќе ја контролира и иднината на војувањето“, истакна Хегсет.
Трамп се осврна и на шпекулациите за неговото здравје поради „отсуството“ во медиумите во последните денови. „Одржав неколку прес-конференции, потоа ме немаше два дена, па веднаш рекоа дека нешто не е во ред. Бајден не се појави со месеци, па никој не се прашуваше што му се случи“, рече Трамп.



