ПочетнаЕКОНОМИЈА„Мамо, кога ќе си дојдеш?“ – приказни од македонските печалбари и нивните...

„Мамо, кога ќе си дојдеш?“ – приказни од македонските печалбари и нивните семејства

Секој втор или трет разговор помеѓу познаници во Македонија завршува со едно исто прашање: „Абе, кај ти е детето?“. Одговорот, најчесто, е кус и тивок: „Во Германија“. Или Италија. Или Словенија.

Тоа стана нашата секојдневна реченица – не како изненадување, туку како нова нормалност.

„Никогаш не мислев дека ќе одам. Ама кога ја видов платата што ја земам овде, и колку едвај врзувам крај со крај, некако самата одлука се наметна“, вели Драган, 42-годишен возач од Скопје, кој веќе четири години работи во Минхен. „Првата година ја поминав сам, после ги доведов жена ми и децата. Носталгија има – секогаш. Ама што вреди ако немаш од што да живееш?“

Во мало село кај Битола, пак, Јована (58) ги чува внуците додека снаата и синот работат во Австрија.

„Мене ми остана куќата празна… Ќе ми дојдат летно време, ќе донесат чоколади и подароци, ама празнината не се пополнува“, раскажува таа со растреперен глас.

Ова е една од најчестите слики: баби и дедовци што ја преземаат родителската улога, додека младите работат на Запад.

Децата растат со видео повици и со одбројување на деновите до летниот одмор.

„Кога ќе чујам ‘мамо’, а пред екранот е само пикселизирано лице, ми се кине душата“, додава Јована.

Податоците од последните години покажуваат дека илјадници граѓани годишно се иселуваат. Точна бројка? Тешко е да се каже, бидејќи дел од нив заминуваат со туристички визи и остануваат таму.

Но, доволно е да се прошета човек низ кој било македонски град и да забележи празни станови, затворени дуќани и маала во кои тишината е погласна од секој пискав аларм.

Економистот Ведран Кузмановски вели дека иселувањето е „најголемиот невидлив извоз на државава“.

„Не се тоа само луѓе што заминуваат, туку капитал, знаење и иднина. Кога млад човек ќе замине, тој најчесто не се враќа. А и ако се врати – се враќа со услови што овде не можат да му се понудат“, нагласува тој.

Некои пак ја гледаат дијаспората како шанса, а не како загуба. Во Скопје сè почесто се отвораат мали компании финансирани со пари заработени во странство.

„Ја отворив оваа пекарница со брат ми кој 20 години е во Швајцарија. Да не беа неговите пари – немаше да можам“, објаснува сопственикот на мала пекарница во Ѓорче Петров.

Сепак, најголемиот дел од печалбарите признаваат: враќање – барем засега – нема.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП