ПочетнаЕКОНОМИЈАДепонијата Вардариште со години го труе пола град, граѓаните најавија протести

Депонијата Вардариште со години го труе пола град, граѓаните најавија протести

Жителите на општина Аеродром вчера и денеска се разбудија во облаци чад и неподнослива миризба која се шири низ населбата. Причината е вчерашниот голем пожар што избувна на депонијата Вардариште, кој, според граѓаните, и денеска продолжува да чади и да испушта неподнослива миризба на гуми и пластика.

Граѓаните револтирани бараат надлежните институции итно да реагираат и да го решат проблемот кој сериозно го загрозува нивното здравје и здравјето на нивните деца.

В.Д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, кој воедно е и кандидат на претстојните локални избори за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, вели дека до ова е дојдено поради негрижата на Град Скопје.

-Јас сум секој ден на Вардариште, во постојана комуникација со сите институции – затоа што проблемот мора да се реши, а не да се турка под тепих. Повеќе од една година барам решение од Град Скопје, но Арсовска нема слух. Општина Аеродром е првата општина што поднесе кривична пријава за загрозување на животната средина, а на мое барање МВР и Јавното обвинителство веќе постапуваат и сум во директен контакт со нив. Овојпат, мора да има резултати, вели Митески.

Граѓаните од Аеродром повикуваат на протест поради неподносливата миризба и загадувањето од депонијата Вардариште, која со години го труе половина град. Тие бараат итно решавање на проблемот, предупредувајќи дека во локацијата има над 2 милиони кубни метри отпад што претставува сериозен ризик за здравјето и животната средина.

Жители на Аеродром најавија дека секој ден во 16 часот ќе ја блокираат раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ дури не се среди проблемот со дивата депонија Вардариште.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП