Казандол“ можеше да биде еден од најзначајните индустриски проекти во независна Македонија, пишува колумнистот Виктор Грозданов во колумната „Пирова победа: Македонија ја доби арбитражата, но ја загуби иднината на „Казандол“.
Тој посочува дека добиената арбитража за проектот за отворање на рудник за бакар „Казандол“ е добра вест за државата и граѓаните, но потсетува на потенцијалот на овој рударски капацитет.
„Според првичните договори и проценки, само во првите десет години од работењето на „Казандол“, државата и општините ќе инкасираа повеќе од 100 милиони евра. Директните вработувања ќе ја намалеа невработеноста во регионот до рекордно ниски нивоа, а илјадници фамилии ќе имаа стабилни приходи. Ајде да додадеме и нешто друго: Македонија сè уште е земја со огромна зависност од увоз на индустриски суровини. Со „Казандол“, ќе имавме домашно производство, кое би било важно не само за економијата, туку и за геополитиката. Во време кога Европа бара алтернативи на увоз од трети земји, ние свесно се откажавме од стратешка предност. Никој не вели дека треба да се жртвува природата по секоја цена. Но, светот одамна ја научи лекцијата: можно е да имаш модерно рударство кое ги почитува сите еколошки стандарди“, пишува Грозданов во колумната.
Вели проектот не се реализирал не поради екологија или технологија, туку поради политика.
„Одговорот е јасен: затоа што кај нас екологијата често служи како изговор за политичка агенда. Се пласира страв, се шират полуинформации, а вистината ретко добива простор. На крај, наместо развој и работа, остануваат празни лозја и иселени села.Да не заборавиме: држави со природни ресурси имаат поголема тежина на преговарачката маса. Македонија, наместо да ја зголеми таа тежина, одлучи да се самоукине од натпреварот.И така, доаѓаме до денес. Добро е тоа што државата нема да плаќа милионски казни за „Казандол“, но тоа е минимумот што државата го должи на своите граѓани – да не направи дополнителна финансиска дупка. Вистинската победа ќе беше ако „Казандол“ работеше, ако во југоистокот имавме нови работни места, ако младите не заминуваа во странство, ако државниот буџет беше полн со даноци од новиот индустриски капацитет“, пишува Грозданов.
Според Грозданов, овој случај треба да биде предупредување: следниот пат кога ќе се појави слична инвестиција, прашањето не треба да биде „дали да ја блокираме“, туку „како да ја направиме најдобра за граѓаните и за државата’“, пишува Грозданов во колумната.



