Берзанските индекси беа во голема мера непроменети во вторник, додека доларот се стабилизираше близу петнеделниот минимум, бидејќи инвеститорите чекаа клучни економски податоци што би можеле да ги потврдат очекувањата дека Федералните резерви на САД ќе ги намалат каматните стапки во септември.
Пазарите речиси едногласно предвидуваат дека Федералните резерви ќе ја намалат каматната стапка за 25 базични поени на крајот од месецот, при што шансите за таков потег се проценуваат на 89 проценти. Сепак, претстојните податоци би можеле да отворат простор за поагресивно намалување. Посебно внимание е насочено кон извештајот за плати надвор од земјоделството во петок, кој ќе биде дополнет со податоци за слободни работни места и приватни плати, објавува Ројтерс.
„Иако намалувањето од 50 базични поени во моментов не е основно сценарио, не може да се исклучи ако извештајот за вработување во август покаже сериозна слабост“, рече Васу Менон од OCBC Bank. Дополнителен сигнал за Федералните резерви ќе дојде на 11 септември, кога ќе бидат објавени податоците за инфлацијата, една недела пред сесијата каде што ќе се одлучува за монетарната политика.
Перспективата за поевтино задолжување ја држи Њујоршката берза близу рекордно високи нивоа, а другите глобални берзи го следат трендот. Најширокиот индекс на акциите од Азиско-пацифичкиот регион на MSCI надвор од Јапонија беше непроменет во вторник, додека фјучерсите на Nasdaq паднаа за 0,1 процент, а европските државни обврзници се лизнаа за 0,07 проценти.
На валутните пазари, доларот делумно ги надомести загубите пред отворањето на Европа. Еврото падна за 0,16 проценти на 1,169 долари, фунтата 0,17 проценти на 1,3526 долари, додека јенот ослабе за 0,3 проценти на 147,7 јени за долар откако заменик-гувернерот на Банката на Јапонија нагласи дека зголемувањето на каматните стапки е неопходно, но дека глобалната неизвесност бара претпазливост. Индексот на доларот се зголеми за 0,2 проценти на 97,847 поени, додека приносот на американската 10-годишна обврзница се искачи на 4,249 проценти.



