Најновото истражување на Институтот за економски анализи Finance Think за јавниот транспорт во Скопје покажува големо незадоволство на граѓаните кои редовно ги користат услугите на ЈСП и приватните автобуси. Една од најголемите маки на скопјани во последниве три години беше токму јавниот превоз. Превозниците на неколку пати штрајкуваа, а властите наместо решенија проблемот го претворија во гола политика.
Податоците на инстититот велат дека минимален е бројот на граѓаните кои се задоволни од јавниот транспорт во главниот град.
Податоците на Finance Think велат дека најмногу од испитаниците или 48,5 отсто сметаат дека јавниот превоз во Скопје е со низок квалитет. Веднаш зад нив според процентот се граѓаните кои се изјасниле дека недоволен е квалитетот на јавниот превоз во Скопје, а тоа го сториле 34,1 отсто од испитаниците. Потоа, следуваат граѓаните кои сметаат дека квалитетот на јавниот превоз во Скопје е со добар квалитет, и тоа се 9,4 отсто од граѓаните. Како незадоволни се изјасниле 4,7 отсто од граѓаните кои учествувале во ова истражување. Податоците велат дека сепак има и дел од граѓаните кои се задоволни од јавниот превоз во Скопје. Одличен е квалитетот на јавниот превоз истакнале 1,9 отсто а 1,2 отсто сметаат дека тој е со многу добар квалитет.
Ова е само една потврда дека граѓаните на Скопје имаат голема мака кога станува збор користењето на автобускиот превоз. Не само квалитетот на услугата, туку немањето на капацитет јавното претпријатие и приватните превозници да ги опслужат граѓаните со доволен број на автобуси. Редовно граѓаните се изјаснуваа во многу анкети дека со часови чекаат автобус на постојките, а кога ќе дојде автобусот тој е преполн бидејќи претходно на секоја постојка имало многу луѓе кои чекаат да дојде и да ги превезе на нивната посакувана дестинација.
Сега на еден месец до локалните избори, едно од главните ветувања на кандидатите за градоначалник на Скопје е долготрајно решение на јавниот превоз во главниот град. Повторно граѓаните можат да слушнат ветувања за нови автобуси, подобрување на инфраструктурата, а не изостанува ниту ветувањето на транвај кое е веќе повеќе смешно да се слуша од колку да се ветува. Како и да е, граѓаните бараат тоа што го заслужуваат, а тоа се нормални услови за функционирање, нешто што треба секој градоначалник и советот да го спроведат бидејќи за тоа се зибрани од граѓаните а не да слушаат партиски наредби и да тераат политички инает.
И.П



