Живот без заштеди – за некого тоа е секојдневие, за другите речиси незамислива ситуација.
Сепак, реалноста во Македонија покажува дека огромен број домаќинства не успеваат да остават ниту денар на страна. Платата се растопува веднаш штом ќе стигне на сметката – кирија, струја, храна, бензин…
„Јас 20 години работам во приватна фирма, земам 36.000 денари плата и едноставно не стигнувам. Ако оставам 1.000 денари на страна, тоа значи дека нешто друго ќе ми фали. Па подобро да не се замарам“, вели Снежана од Скопје, 45-годишна службеничка.
Финансиските експерти предупредуваат дека оваа слика е алармантна.
„Во земја во која инфлацијата изеде добар дел од стандардот, заштедата станува луксуз. Но токму во такви услови треба да се формира навика – колку и да е мал износот. Системот ‘прво за себе’, каде што веднаш по земањето плата се ставаат на страна 500 или 1.000 денари, е првиот чекор“, велат економистите.
Сепак, животот понекогаш знае да биде ироничен – токму оние со најмала плата најчесто велат дека немаат простор за заштеда. А и оние што заработуваат повеќе не се имуни.
„Мислев дека кога ќе стигнам до 1.000 евра плата, ќе можам да штедам. Сега земам повеќе, ама месецот пак е долг. Кредитите, трошоците за децата, патувања – пари пак нема“, раскажува Александар, 38 години, инженер од Кисела Вода.
Социолозите додаваат и една друга димензија – несигурноста.
„Луѓето во Македонија се навикнати дека утре може да се смени сè. Па и кога имаат нешто на страна, некои се плашат дека парите ќе ја изгубат вредноста. Затоа повеќе инвестираат во злато, земја или куќа на село, отколку во класична заштеда во банка“, објаснува социологот Љубица Маџовска.
И тука се отвора дилемата – дали заштедата воопшто значи пари на сметка? Или, пак, да ги претвориш во нешто „опипливо“ е подобра стратегија?
Едно е сигурно – најголемиот број семејства живеат од месец за месец, без сигурносна мрежа. А тоа значи дека една болест, една изненадна поправка на автомобил или изгубена работа може да ја разниша целата стабилност.
И така, кругот се повторува. Луѓето велат „ќе штедам од следниот месец“. Но тој следен месец никогаш не доаѓа.
Б.З.М.



