Кошничката на едно просечно четиричлено семејство во Македонија станува сè потешка за полнење, а уште потешка за плаќање.
Основните намирници – леб, млеко, брашно, масло – остануваат задолжителен дел, но нивната цена, ако се собере на крај од месецот, често изгледа како нова сметка за струја или за парно.
Домаќинките велат дека без неколку векни леб и неколку литри млеко едноставно не се може, па токму тие производи секојдневно се наоѓаат во кесите.
„Ако ги соберам само лебот и млекото, месечно давам повеќе од 2.000 денари. А тоа се само две ставки“, вели Елена, мајка на две деца од Скопје.
Месото, кое порано беше редовна ставка во неделната набавка, денес станува луксуз. Пилешкото уште е избор број еден поради цената, но свинското и јунешкото ретко се купуваат освен за празници или за специјални прилики.
„Јунешко за супа порано беше секоја недела. Сега, ако купиме еднаш месечно, добро е“, вели Сашо од Тетово.
Според официјалните податоци, цената на јунешкото месо во изминатата година е зголемена за над 10%, додека пилешкото бележи раст од околу 7%.
Зеленчукот и овошјето се посебна приказна. Иако сите експерти советуваат дека на трпезата мора да има свежи производи, во пракса семејствата често купуваат помали количини отколку што би сакале.
Во август 2025 година килограм домати на пазарите во Скопје достигна цена и до 80 денари, додека краставиците се движеа меѓу 60 и 70 денари.
Јаболката, кои некогаш се сметаа за најевтина ужинка, годинава се продаваат по 50 денари за килограм.
„Сакам децата да јадат јаболка, ама кога килограм грозје е колку килограм пилешко, не можам да купам од сè“, признава мајка од Кисела Вода.
Она што често останува незабележано, но сериозно го оптоварува семејниот буџет, се средствата за хигиена. Детергент за алишта, шампон, сапун, средства за чистење – кога ќе се соберат, излегуваат речиси колку и месечната потрошувачка за месо.
„Мора да купам и детергент и шампон, тоа не се прескокнува, иако на месец ни одземаат по 2.500 денари“, вели една домаќинка од Куманово.
Според официјалните статистички пресметки, просечното четиричлено семејство во Македонија за храна и безалкохолни пијалаци месечно троши околу 22.000 денари, што претставува речиси половина од вкупните месечни расходи.
Тоа значи дека на неделно ниво семејствата ретко можат да поминат со помалку од 25 до 30 евра за основни намирници, и тоа без дополнителни трошоци како играчки, облека или некој излез со децата.
Кога ќе се направи споредба со регионот, сликата станува уште поочигледна.
Во Србија, според нивниот Завод за статистика, просечната месечна потрошувачка на четиричлено семејство за храна е околу 320 евра – речиси двојно повеќе од македонските семејства. Таму цените на основните намирници се нешто повисоки, но и просечната плата е за 30 до 40% повисока од нашата.
Во Албанија, пак, трошоците за храна се слични на македонските, но процентот од приходот што оди за исхрана е поголем – дури над 50% од семејниот буџет.
Најголемиот контраст се гледа со Грција, каде едно семејство со четири члена месечно издвојува повеќе од 500 евра за храна, но таму минималната плата е над 900 евра, што го прави ударот врз буџетот помалку болен.
На крајот, кошничката не е само список од намирници. Таа е огледало на економската реалност и на секојдневната борба меѓу потребите и можностите.
Семејствата се присилени постојано да балансираат, а чувството дека парите побрзо исчезнуваат отколку што се заработуваат е нешто што речиси секој ден го слушаме во маркетите, редовите на касите или на зелените пазари.
Б.З.М.



