ПочетнаЕКОНОМИЈАЉубовта згасна, а кредитот остана

Љубовта згасна, а кредитот остана

Пред четири години направил голема свадба со кредит. Денес, иако е разведен веќе една година, и натаму плаќа рати за веселбата што одамна сака да ја заборави.

„Секој месец ме потсетува банката на нешто што одамна завршило“, вели скопјанецот кој во тоа време мислел дека прави паметен потег – кредитот ќе го враќаат заедно, како брачен пар. Животот, сепак, имал друга приказна.

Еуфоријата и желбата да биде „како што треба“ го натерале да потроши повеќе од реалното.

„Имаш чувство дека мора да биде големо, со многу гости, музика, фотографии… Тогаш не мислиш колку ќе те чини. Веруваш дека љубовта и семејството ќе траат и дека ќе го делите товарот“, додава тој.

Економистите велат дека оваа ситуација е многу почеста отколку што изгледа.

„Кај нас постои силен социјален притисок свадбата да биде спектакл, а тоа носи трошоци што младите не можат реално да ги издржат. Голем дел земаат кредити за свадбени веселби наместо за дом или за инвестиција,“ објаснува финансискиот аналитичар Бојан Краљев.

Во Македонија свадбите често се мерат по бројот на маси и гламурот на прославата, но зад таа слика се кријат семејства кои со години ги носат долговите.

„Најтешко е кога ќе се разведеш – а кредитот останува. Плаќаш за нешто што не постои. И тоа боли“, искрено кажува соговорникот.
Психолозите предупредуваат дека ваквите финансиски обврски ја отежнуваат разделбата.

„Човек не може да затвори поглавје ако секој месец буквално плаќа потсетник за него“, вели психијатарот Сања Љубеновиќ.

Некои експерти предлагаат банки и агенции за советување да понудат полесни услови за рефинансирање на вакви кредити. Но останува прашањето: дали навистина вреди да влезете во долг за една ноќ?

„Ако можев да се вратам назад, ќе направев мала прослава со најблиските. Не ова. Сега секоја рата ми е потсетник дека најскапите забави често завршуваат со најгорки долгови“, заклучува нашиот соговорник.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП