Инфлацијата е бројка на хартија, но зад таа бројка стојат човечки животи. И секогаш, речиси секогаш, најсилниот удар не го чувствуваат оние што ја носат одлуката, туку оние на кои најмалку им останува во паричникот. Пензонерите, самохраните родители – тие се првите што ја плаќаат сметката за економските потреси.
„Секој ден броеви, проценти, инфлација на храна, инфлација на струја… ама никој не ја гледа мојата празна чинија“, ни раскажува Соња, самохрана мајка од Скопје, со двегодишно дете.
Работи по 12 часа како касиерка во супермаркет, а вели дека на крајот од месецот мора да избере: сметки или млеко и пелени.
„Нема математички модел за тоа чувство – кога ќе пресметуваш и ќе сфатиш дека парите не стигнуваат“, вели таа.
Пензионерите, пак, со пензии околу 18.000 денари, се исправени пред една невозможна аритметика.
„Јас сум во години кога би требало да се грижам за здравјето, а јас постојано пресметувам колку ќе оставам за лекови ако купам килограм месо“, ни вели 72-годишниот Јордан од Битола. На лицето му се чита горчина, но и некаква навика – како човек кој предолго врти во ист круг.
Според официјалните податоци, цените на основните прехранбени производи во последната година пораснале од 15 до 30 отсто.
За економистите тоа е „нормален пазарен тренд“, но за луѓето што живеат од една плата или пензија тоа е прашање на опстанок.
„Економските шокови секогаш најмногу ги трпат ранливите категории. Пензонерите и самохраните родители се на првата линија“, вели Александар Дојчинов, експерт за економски развој.
Но, зад бројките има и една тивка психологија. Самохраните родители се чувствуваат оставени сами да се снаоѓаат во систем кој ретко нуди поддршка.
Инфлацијата е глобален феномен, ама кај нас има лице. Лице на баба што гледа во празната кошничка и одбројува денови до следната пензија. Лице на мајка што со стегнато срце го остава детето пред маркетот, за да не бара нешто што нема да може да му го купи.
И додека институциите зборуваат за „пазарна стабилизација“, реалноста е дека цената веќе е платена. И тоа најчесто од оние кои немаат ни простор, ни избор.
Б.З.М.



