Функционирањето на пазарната економија во Македонија сè уште се соочува со бројни предизвици – од ценовни договори меѓу компании, преку злоупотреба на доминантна позиција, до забелешки за транспарентност во јавните набавки. Комисијата за заштита на конкуренцијата е телото што треба да обезбеди фер услови за сите играчи на пазарот. Разговараме со претседателката на Комисијата, Малинка Силјановска Николиќ, за тоа колку е развиена културата на конкуренција во Македонија и што граѓаните можат да очекуваат во иднина.
Денар: Г-ѓа Силјановска Николиќ, кои се главните предизвици со кои се соочува Комисијата за заштита на конкуренцијата во моментов?
Кога ја превзедов функцијата, затекнав институција со силен законски мандат, но со ограничена видливост и нецелосно искористен капацитет. Комисијата имаше доверба кај експертите, но помалку кај граѓаните и бизнис-секторот. Мојата цел од почетокот беше да ја вратиме Комисијата во јавниот фокус – како активен заштитник на пазарот, а не како пасивен набљудувач. Првите месеци ги посветивме на институционално реорганизирање, внатрешна обука, дигитализација на процеси и секако на започнување на истраги таму каде што постојат основни сомнежи за координирани пазарни практики.
Денар: Колку е развиена културата за фер конкуренција во македонија и кои сектори се најпроблематични?
Состојбата во РСМ во однос на конкурентската култура како основа на успешна пазарна економија е послаба во однос на конкурентската култура во развиените земји. Во 2005 година беше важно за Комисијата да започне процес на градење на конкурентска култура и сеуште се трудиме да бидеме поактивни во промовирање на конкурентската култура.
Како што кажав и погоре, мојата цел е да ја вратиме Комисијата во јавниот фокус – како активен заштитник на пазарот, преку доследна примена на Законите кои се во надлежност на Комисијата.
Комисијата делува и ќе делува во сите сектори во кои има нарушување, односно непочитување на одредбите од Законите кои се во надлежност на Комисијата.
Денар: Често јавноста реагира на ценовни договори меѓу компаниите, особено во трговијата и енергетиката. Дали имате тековни случаи во овие области?
Комисијата поведе постапка против четири ланци на супермаркти и Сојуз на стопански комори на Македонија со цел да утврди постоење на забранет договор – картел.
Комисијата донесе конечно известување за утврдена фактичка состојба со кое утврди прекршок и глоба за четирите ланци на супермаркети и Сојуз на стопански комори на Македонија. Постапката е сеуште во тек.
По завршување на истата, односно донесување на решение, ќе бидете дополнително известени.
А во однос на секторот Енергетика немаме тековни случаеви, Комисијата активно учествува во работни групи при подготовка на сите закоски и подзаконски акти со цел усогласување на Законододавството.
Денар: Една од најголемите забелешки е дека казните се премали и не делуваат обесхрабрувачки. Дали размислувате за законски измени и поголеми санкции?
Комисијата изрекува казни согласно Законот за заштита на конкуренција и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Казните пропишани во Законот за заштита на конкуренција се во согласнот со европското законодавство и се движат во распон од 1 до 10 % од вкупниот годишен приход, а во однос на казните предвидени со Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, сметаме дека се мали и за таа цел во иднина се планираат законски измени со цел зголемување на истите.
Денар: Како се справувате со злоупотреба на доминантна позиција на пазарот и дали има случаи каде големи компании ги потиснуваат малите?
Законот за заштита на конкуренцијата забранува злоупотреба на доминантна позиција. Комисијата има постапувано по повеќе предмети во кои утврдила постоење на злоупотреба на доминантна позиција и можам да кажам дека најголемиот дел од овие постапки биле водени против јавни претпријатија и против претпријатија во секторот телекомуникации. Досега сите предмети во кои Комисијата утврдила постоење на злоупотреба на доминантна позиција биле потврдени од судовите.
Денар: Европската Унија има строги правила за конкуренција и државна помош. Колку сме усогласени со тие стандарди и каде заостануваме?
Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош се целосно усогласени со Европското законодавство во овие области. За разлика од други области каде има само неколку регулативи или директиви со кои треба да се усогласи националното законодавство, во областа на заштитата на конкуренцијата и контролата на државната помош има голем број на регулативи, насоки и известувања, со кои треба да се усогласиме.
Токму затоа и во нашето законодавство, покрај наведените закони (Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за контрола на државната помош) се донесени и повеќе подзаконски акти – уредби (кои на предлог на Комисијата ги носи владата на Република Северна Македонија) како и насоки кои ги носи Комисјата. Така од областа на заштитата на конкуренцијата, донесени се 9 уредби и 14 насоки, а од областа на контрола на државната помош се донесени 5 уредби.
Сите овие уредби и насоки кога се донесени, биле целосно усогласени со соодветните регулативи, насоки и известувања на ЕУ. Меѓутоа и ЕУ постојано го менува своето законодавство во овие области, па следствено и нашето законодавство треба редовно да се усогласува со новините во ЕУ. Комисијата редовно ги следи измените во Европското законодавство во овие две области и редовно се прават планови за динамиката на усогласување со новините на ЕУ законодавството.
Една од главните обврски кои беа преземени пред Европската Комисја на билатералниот скрининг во 2023 во Брисел за поглавје 8 – Политика на конкуренција се однесува токму на понатамошна хармонизација на нашето законодавство со законодавството на ЕУ.
Денар: Голем дел од жалбите на граѓаните и компаниите се однесуваат на јавните набавки. Дали Комисијата има доволно алатки за да спречи местење на тендери?
Законот за заштита на конкуренцијата изрично забранува договори со кои се ограничува конкуренцијата на пазарот, вклучувајќи и забрана за договори (и усогласено однесување) помеѓу претпријатијата во постапките за јавни набавки. Комисијата има надлежност да делува само кога се работи за местење на тендери преку договори помеѓу претпријатијата (економските оператори), додека во делот каде тендерите се местат преку договарање на договорниот орган (органот кој ја врши јавната набавка) и одредено претпријатие, тука Комисијата нема надлежност, односно ваквите случаи се во надлежнот на Државната комисја за спречување на корупција.
Глобите кои ги предвидува Законот за заштита на конкуренцијата за претпријатијата кои склучиле забранет договор (или усогласено се однесувале) се доста високи и изнесуваат до 10% од приходот на претпријатието.
Досега Комисијата во неколку постапки има утврдено постоење на вакви забранети договори помеѓу претпријатија, учесници на тендери и има изречено глоби, при што највисоката изречена глоба, која е потврдена и во постапка пред судовите, е околу милион евра.
Комисијата за заштита на конкуренцијата во соработка со Бирото за јавни набавки, подготви Водич за откривање незаконски договарања во постапките за доделување на договори за јавни набавки кој е објавен на веб страната на Комисијата и на Бирото. Овој водич има за цел да ги информира договорните органи кои вршат јавни набавки и да им помогне да забележат однесување на претпријатијата кое може да претставува забрането договарање во процесот на јавни набавки и за истото да ја известат Комисијата.
Денар: Осигурувањето, трговските ланци на маркети , фармацијата и банкарството, често се спомнуваат како затворени пазари. Дали има доволно конкуренција таму или реално доминираат неколку играчи?
Сметаме дека ова се отворени пазари каде има доволно конкуренција. Доколку Комисијата утврди прекршок, ќе постапи согласно Законските надлежности, како што тоа беше направено во секторот кај осигурителните компании и ланците на маркети кои што постапки сеуште се водат пред Комисијата.
Денар: Кои се приоритетите на Комисијата во периодот што следи и што граѓаните можат да очекуваат во однос на фер конкуренција и транспарентен пазар?
Институција која не се плаши. Која реагира прва, а не последна. Која е технички модерна, но и човечки праведна. Сакам да останеме КЗК која граѓаните ја препознаваат како гарант на нивното право да изберат, а не да бидат диктирани од договори зад затворени врати. Ако на крајот од мандатот граѓаните, малите бзниси и дури и некои големи компании кажат: „Комисијата ни го врати чувството на фер игра“ – тогаш ќе знам дека сме направиле нешто вредно.
С.Б.



