Производството во индустријата зема замав. По континуираниот пад на индустриското производство неколку месеци по ред забележани се позитивни резултати. Државниот завод за статистика објави дека индустријата испорача раст од 4% на годишно ниво, односно споредено јули годинава со истиот месец во 2024 година. Сепак состојбата не е сјајна. Сериозни минуси на контото на производството има во добар дел од индустриските сектори.
Податоците на државните статистичари покажуваат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи опаѓање од 10.4 %, во секторот Преработувачка индустрија е забележан пораст од 7.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 7.5 %.
Генерално, индустријата забележа пораст бидејќи секторот Преработувачка индустрија во јули испорача позитивни резултати пред се во следните оддели: производство на тутунски производи, производство на текстил, производство на облека, печатење и продукција на снимени медиуми, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел.
„Според главните индустриски групи, производството во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 12.5 %, Капитални производи за 18.6 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 2.9 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 6.5 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8.5 %.“ се наведува во извештајот на ДЗС.
Дополнително, во извештајот стои дека, индустриското производство во периодот јануари – јули 2025 година, во однос на периодот јануари – јули 2024 година, е зголемено за 3.0 %. Податоците велат дека најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, има во делот на производство на електрична опрема од 15.3 %, потоа производство на машини и уреди, неспоменати на друго место со 4.6 %, и производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 26.5 %.
И.П



