ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата живна, конечно позитивни резултати!

Индустријата живна, конечно позитивни резултати!

Производството во индустријата зема замав. По континуираниот пад на индустриското производство неколку месеци по ред забележани се позитивни резултати. Државниот завод за статистика објави дека индустријата испорача раст од 4% на годишно ниво, односно споредено јули годинава со истиот месец во 2024 година. Сепак состојбата не е сјајна. Сериозни минуси на контото на производството има во добар дел од индустриските сектори.

Податоците на државните статистичари покажуваат дека индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи опаѓање од 10.4 %, во секторот Преработувачка индустрија е забележан пораст од 7.0 %, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има опаѓање од 7.5 %. 

Генерално, индустријата забележа пораст бидејќи секторот Преработувачка индустрија во јули испорача позитивни резултати пред се во следните оддели: производство на тутунски производи, производство на текстил, производство на облека, печатење и продукција на снимени медиуми, производство на производи од гума и производи од пластични маси, производство на други неметални минерални производи производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, производство на електрична опрема, производство на машини и уреди, неспоменати на друго место, производство на моторни возила, приколки и полуприколки и производство на мебел. 

„Според главните индустриски групи, производството во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, бележи пораст кај Интермедијарни производи, освен енергија за 12.5 %, Капитални производи за 18.6 % и Трајни производи за широка потрошувачка за 2.9 %, додека опаѓање бележи кај Енергија за 6.5 % и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 8.5 %.“ се наведува во извештајот на ДЗС.

Дополнително, во извештајот стои дека, индустриското производство во периодот јануари – јули 2025 година, во однос на периодот јануари – јули 2024 година, е зголемено за 3.0 %. Податоците велат дека најголемо влијание врз порастот на индустриското производство во јули 2025 година, во однос на јули 2024 година, има во делот на производство на електрична опрема од 15.3 %, потоа производство на машини и уреди, неспоменати на друго место со 4.6 %, и производство на моторни возила, приколки и полуприколки со 26.5 %.

И.П

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП