Во услови на постојан раст на трошоците за живот, секоја вест за зголемување на пензиите предизвикува внимание, па и поделени реакции меѓу највозрасната популација.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, изјави дека пензионерите за само една година добиле 5.000 денари зголемување, а во наредните осум месеци ќе следува ново покачување од уште 2.000 денари.
„Ова е реален доказ дека политиката на Владата дава резултати и дека пензионерите конечно добиваат достоинство. Се исполнува ветеното“, рече Стојаноски.
На хартија, 7.000 денари повеќе за неполн период од две години изгледаат значително. Но, кога ќе се спореди со цените во маркетите и со сметките што пензионерите ги плаќаат секој месец – сликата е покомплицирана.
Во центарот на Скопје, го сретнавме пензионерот Трајко, 72-годишен, кој со кесичка со основни намирници излезе од продавница.
„Добро е што има покачувања, не велам дека не е. Ама кога ќе платам струја, лекови, па храна… останува многу малку. Дали е доволно? За некого можеби, за повеќето – тешко“, вели тој.
Марика, пензионерка од Ѓорче Петров, со слична приказна:
„Секоја чест за тие што се трудат нешто да променат. Ама вистината е дека и со покачување, едно парче сирење денес чини повеќе од цела сметка пред неколку години. Па, што да кажам… и благодарни сме, и незадоволни истовремено“.
Од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека трендот на покачување ќе продолжи и во иднина, со цел пензионерите да ја почувствуваат економската стабилност.
Но, економистите предупредуваат дека високата инфлација ги „јаде“ дел од тие покачувања, а повозрасните граѓани тоа го чувствуваат секојдневно.
„Најважно е не само колку ќе биде пензијата во бројки, туку и што може да се купи со неа. Ако паралелно растат и цените, тогаш ефектот е половичен“, коментираат економистите.
Б.З.М.



