Охрид ова лето повторно беше една од најпосетените туристички дестинации во Македонија. Илјадници туристи од земјава и странство ја исполнуваа градската чаршија, кејот и плажите, создавајќи впечаток дека сезоната е успешна.
Но зад бројките се крие друга слика. Сопствениците на мали бизниси, како што се кафулиња, ресторани, занаетчиски дуќани и продавници, се жалат дека приходите се далеку пониски од очекуваното. Причината е што голем дел од туристите доаѓаат во групи, но не трошат пари во локалните објекти.
„Секој ден гледаме големи групи како се движат низ чаршијата. Но, наместо да седнат во ресторан или кафуле, тие купуваат пијалак од маркет и се хранат со намирници што ги подготвуваат дома. На крајот, ние имаме полни улици, а празни каси,“ вели сопственик на мал ресторан во стариот дел на градот.

Занаетчиите пак, велат дека сè помалку туристи купуваат сувенири и рачни изработки. „Сите фотографираат, разгледуваат, но ретко некој купува нешто. Изгледа дека доаѓаат само да поминат убаво време, без да потрошат пари,“ вели Анастазија, сопственичка на занаетчиски дуќан за рачни изработки на аксесоари, лоциран во стариот град.
Иако Охрид останува магнет за туристите, локалните бизниси алармираат дека бројот на посетители не значи автоматски и економски бенефит за градот. Сè повеќе се поставува прашањето како да се привлечат туристи со поголема куповна моќ и како да се поттикне локалната економија, за да има вистинска корист од масовниот туризам.
С.Б.



