ПочетнаЕКОНОМИЈАСвадбата весела, пликот тежок – се менува начинот на дарување?

Свадбата весела, пликот тежок – се менува начинот на дарување?

Свадбата е момент кој младенците го паметат засекогаш, а гостите – иако со радост ја прифаќаат поканата – често се наоѓаат пред едно прашање што не се кажува гласно: колку ќе ме чини оваа покана?

Во Македонија, непишано правило е свадбениот подарок да биде во форма на плик со пари.

Сумата варира – од 2.000 денари па сè до 6.000 или повеќе, зависно од блискоста со младенците и од економската моќ на гостинот.

„Нема проблем кога станува збор за роднина или најблизок пријател, тогаш се дава со срце. Но кога станува збор за свадба на колега или сосед, реално е товар. Луѓето често земаат и кредит за да не испаднат нечовечни“, ни признава скопјанец кој неодамна бил на три свадби за еден месец.

Од друга страна, постојат и гости кои велат дека дарувањето е чест и традиција што не смее да се претвори во математичка пресметка.

„Не се оди на свадба за да се врати парите за ручекот. Се оди да се сподели радоста. Јас сум сведок на ситуации кога луѓе даваат и помалку, ама нивното присуство било поважно од секој плик“, вели Јасмина Велевска од Битола.

Психолозите објаснуваат дека товарот од свадбените поклони е повеќе социјален отколку финансиски.

„Луѓето чувствуваат притисок од тоа што ќе речат другите, а не толку од сумата што ја даваат. Токму тој момент – споредбата, очекувањето, непишаните кодови – е изворот на стрес,“ коментира психологот Сања Љубеновиќ.

Во последниве години, дел од младенците отворено наведуваат дека не сакаат подароци во пари, туку оригинални подароци или донации во хуманитарни цели.

„Се одлучивме да ги насочиме подароците во фонд за лекување деца. Така наместо притисок, гостите имаа чувство дека прават нешто навистина вредно“, објаснува еден брачен пар од Куманово.

Сепак, мнозинството продолжува да ја практикува „плик културата“. И тука доаѓа дилемата: радост или товар?

За едни тоа е благороден гест, за други – непријатна сметка на крајот од месецот.

Но вистината е дека свадбата е пред сè за младенците, а секој гостин треба да го избере оној облик на подарок кој не му е товар. Зашто, на крајот на краиштата – радоста и присуството се најголемиот подарок.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП