ПочетнаЕКОНОМИЈАЖешко е, ама се ближи зимата – редици се чекаат пред складиштата,...

Жешко е, ама се ближи зимата – редици се чекаат пред складиштата, ова се цените на дрвата

Иако календарот сè уште покажува лето, по складовите за огревно дрво и продавниците за пелети веќе се создаваат редици.

Луѓето, изгледа, одамна научија дека чекањето до првиот студен бран е ризик, бидејќи тогаш цените знаат да скокнат, а испораките да доцнат со недели.

„Секој август е вака. Само што годинава интересот е уште поголем. Сите се плашат дека ќе има поскапувања на есен“, ни рече еден трговец од скопскиот регион, кој во магацинот едвај стигнува да ги испрати нарачките.

Според него, кубик буково дрво моментално се движи меѓу 3.900 и 4.500 денари, во зависност од тоа дали е со достава или без.

Најчесто прашањето што се слуша пред магацините е: „Имате ли на лагер?“ – а одговорот не секогаш е потврден.

Неофицијално, дел од трговците велат дека дел од количините веќе се распродадени и се чека нова испорака од шумските подружници.

Од „Национални шуми“ потврдуваат дека продажбата во нивните складови оди според ценовникот што важи од ноември минатата година. Кубен метар бука таму чини 3.744 денари.

Пелетите, пак, не заостануваат по цена и по интерес. Во продавниците се нудат меѓу 18.000 и 22.000 денари за тон, а купувачите не се двоумат долго. „Знам дека е лето, ама ако не земам сега, кој знае што ќе биде во октомври“, ни раскажа еден граѓанин кој товараше неколку вреќи во багажникот од автомобилот.

Интересно е што дел од огласите за огревно дрво на интернет нудат и значително повисоки цени – и до 5.400 денари за кубик. Таму, пак, често стои забелешката: „достава веднаш“. Очигледно, побрзата услуга си има своја цена.

И така, додека жештините уште печат по асфалтот, во дворовите и подрумите веќе се редат палети и дрва.

Се гледа по редиците – зима или не, луѓето не сакаат да ја чекаат последната минута. И, можеби, сосема со право.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП