На улиците на Берлин, Милано или Париз, меѓу илјадници минувачи, стојат луѓе кои на прв поглед се исти како сите останати.
Но нивната реалност е поинаква – без документи, без здравствено осигурување, без правото да работат легално.
За нив секој ден е борба за опстанок, со надеж дека утре можеби ќе биде поинаку… или дека нема да бидат откриени.
„Секое утро станувам со страв дека полицијата ќе ми тропне на вратата“, вели Марио, 35-годишен Македонец кој веќе пет години живее во северна Италија без регулиран престој. „Работам на црно во градежништво, дневницата е 40 евра. Ако газдата реши да не плати – што можам да направам? Ништо. Немам право да се жалам“.
Стотици илјади луѓе од Балканот, Африка, Азија, секојдневно ја градат својата егзистенција во „сивата зона“ на европските метрополи.
Работат како чистачи, градежници, сезонски работници во земјоделство или во ресторани. За многумина, тоа е единствениот начин да испратат пари дома, да преживеат, да создадат илузија на „подобар живот“.
„Луѓето мислат дека тука се печалат милиони. А всушност, живееш во стан со уште десет луѓе, делите кревет на смена – едниот спие ноќе, другиот дење“, ни раскажува Фатиме од Гостивар, која веќе седум години работи како домашна помошничка во Париз. „Да, праќам по нешто дома, ама самиот живот тука е горчлив“.
Стравот е секојдневие. Страв од полиција, од рутинска контрола во автобус, од обична проверка на документи на улица.
„Дури и кога одам во продавница, имам чувство дека сите ме гледаат. Дека знаат“, вели нашата соговорничка.
Организациите за човекови права предупредуваат дека илегалците често се жртви на експлоатација, а многу ретко бараат помош – едноставно затоа што се плашат.
„Имавме случаи кога луѓе со сериозни повреди одбивале да одат во болница, бидејќи тоа значи ризик да бидат пријавени“, велат активистите. „Тоа е живот на маргините, живот во кој самото постоење станува прекршок“.
Но постои и друга страна – надежта. За многумина, нелегалниот престој е привремена фаза. Некои успеваат да ги средат документите преку брак, други со години чекаат некаква амнестија или легализација.
„Мојот сон е едноставен“, вели Марио. „Да одам на работа без да гледам преку рамо. Да имам здравствено осигурување. Да бидам слободен човек“.
И токму во таа реченица е заробен цел еден свет – светот на луѓето кои ја граделе Европа од сенка, кои секој ден чекорат по истите улици како и сите други, но со товар што ретко кој го гледа.
Б.З.М.



