Животот на Македонците во Норвешка изгледа како приказна во која секој ден се мешаат две спротивставени чувства – студенило што продира до коска и сигурност што тешко може да се најде на друго место.
„Тука човек може да се потпре на државата“, вели Александар, печалбар од Скопје кој веќе 10 години живее во Осло. „Сè функционира, од здравство до администрација. Нема врски, нема поткуп… ама, за таа стабилност плаќаме со повисоки цени и со самотија“.
Сигурност во секојдневието
Во земја каде што зимата трае половина година, а денот понекогаш изгледа како да никогаш не ќе зазори, Македонците што заминале таму велат дека сигурноста во работата и приходот е она што најмногу ги држи.
Работните договори се јасни, платите пристигнуваат на време, а осигурувањето ги покрива и најмалите интервенции.
„Ние од Балканот не сме навикнати на тоа – дека државата навистина се грижи. И затоа кога ќе видиш дека нешто што си го платил функционира без да мораш да чекаш или да молиш, ти е чудно. Пријатно чудно“, раскажува Драгана, медицинска сестра во Трондхајм.
Тешко е да го стоплиш срцето
Но, паралелно со таа сигурност, доаѓа и тежината на студот. Не е само климатскиот – кој и на лето знае да биде поостар од македонска зима – туку и оној невидливиот, во меѓучовечките односи.
„Скандинавците се културни, учтиви, ама ладни. Нема спонтано кафе, нема излегување без план две недели однапред“, се жали Ивана од Битола, која работи како ИТ инженерка. „Често човек си ја носи татковината во срце, со сите маани и сите убавини, само за да не заборави како е да си топло меѓу луѓе“.
Кога патлиџанот станува луксуз
И токму таа носталгија најчесто излегува на површина во маркетите. Македонците во Норвешка ќе кажат дека една од најголемите разлики ја чувствуваат на рафтовите со зеленчук.
„Кога ќе видиш патлиџан по 6-7 евра парче, те фаќа носталгија за пазарот во Бит Пазар“,, раскажува низ насмевка Гоце, возач на камион. „Тука салата со патлиџан е речиси празничен луксуз“.
Цените на овошјето и зеленчукот во Норвешка се познати како едни од највисоките во Европа, што уште повеќе ја зголемува жедта за домашни вкусови.
Македонците таму често се организираат – едни носат сувомеснато, други домашна ракија, трети бурек од замрзнувач. Малку како да се одржува животот во два паралелни света.
Б.З.М.



