Секојдневие што многумина возачи го живеат на своја кожа – возиш по скопски улици или по регионални патишта, и во момент кога најмалку очекуваш – тресок.
Тркалото се спушта во длабока дупка, а тебе ти се чини како да си удрил во бетонски ѕид. И тогаш почнува вистинската сметка – која не ја плаќа државата, туку возачите.
Оштетени гуми, искривени бандажи, амортизери кои „пукаат“ порано од предвиденото – тоа се најчестите последици од сообраќањето по нашите улици.
Еден половен бандаж за просечен автомобил чини од 3.000 до 6.000 денари. Ако се оштети и гумата, цената расте уште најмалку за 4.000 денари.
А кога ударот е посилен – знае да страда и цела суспензија, што лесно може да достигне 15.000–20.000 денари.
„Не е проблем само во парите. Трошиш време, нерви, мораш да бараш сервис во сред работен ден. Тоа некој треба да го пресмета како загуба“, вели Ѓорѓи, скопјанец кој пред еден месец удрил со дупка во Ѓорче Петров.
Законот вели дека доколку возилото е оштетено поради лошо одржуван пат, граѓанинот има право да бара надомест од општината или институцијата што е надлежна.
Во пракса, тоа ретко функционира.
„Постапките траат со месеци, па дури и со години. Најчесто општините ја префрлаат одговорноста – едни велат ‘ЈП за државни патишта’, други ‘Градот Скопје’. Граѓанинот останува со трошокот и со уморот од бирократија“, објаснуваат правниците.
Според нив, надомест добиваат само оние кои имаат железни нерви да одат до крај – со фотографии, сведоци и документи. Но, тоа не е правило, а најчесто – луѓето се откажуваат.
Механичарите во сервисите велат дека во зима и пролет, кога дупките се најчести поради мразот и дождовите, бројот на оштетени автомобили е драстично поголем.
„Во еден месец знаат да дојдат и по 30-40 возачи со исти проблеми – искривен бандаж, скршен амортизер, скината гума. Тоа не е случајност, тоа е системска грешка во одржувањето на улиците“, вели Зоран, сопственик на мал сервис во Кисела Вода.
И токму тука е суштината: цената не е само финансиска. Тоа е и цена на довербата во институциите – кога возачите знаат дека дупките ќе се појавуваат повторно и повторно, а нивната сметка пак ќе ја плаќаат тие.
Ако грубо се пресмета: илјадници оштетени автомобили секоја година, со просечен трошок од 7.000–10.000 денари, значи десетици милиони денари што одат директно од џебот на граѓаните.
Пари кои би можеле да бидат инвестирани во нешто друго – образование, здравје, или пак во она најлогичното – квалитетни улици.
„Ни треба стратегија, не козметика. Дупките не се само непријатност – тие се директен удар врз економијата на секое семејство“, велат експертите.
Б.З.М.



