Секојдневието во Скопје сè повеќе личи на тест за трпение. Утрото почнува со колони автомобили заглавени на булеварите, возачи што нервозно свират, а и пешаци кои претрчуваат меѓу возила за да стигнат до својата работа или училиште.
„Ова е борба за секој метар асфалт“, вели Љупчо, таксист со 20 години искуство.
Метрополата одамна ги надмина капацитетите на својата инфраструктура. Нови згради никнуваат со секоја година, а бројот на автомобили расте драматично.
Според податоците на Авто-мото сојузот, во Скопје има повеќе од 150.000 регистрирани возила – бројка што градот очигледно не може да ја „свари“.
„Секој ден патувам од Аеродром до Карпош и ми треба речиси еден час. Порано стигнував за 20 минути“, раскажува Маја, вработена во приватна компанија.
Додека возачите нервозно бараат паркинг, пешаците се чувствуваат како да се најмалку важни во сообраќајната равенка.
Недоволно пешачки премини, нефункционални семафори и автомобили паркирани по тротоари – секојдневна слика што дополнително создава чувство на небезбедност.
„Понекогаш имам чувство дека треба да носиме шлемови за да преминеме улица“, коментира пензионерката Блага од Чаир.
Локалните власти најавуваат решенија – паметни семафори, велосипедски патеки, јавно-приватни партнерства за гаражи.
Но, на терен, ефектите се слабо видливи.
„Слушаме најави со години, ама ништо конкретно. Скопје само станува сè потесно и понервозно“, вели Дејан, возач на камион кој секојдневно минува низ центарот.
А сообраќајниот хаос не е само прашање на нерви и изгубени минути. Тој директно влијае на квалитетот на воздухот и здравјето на жителите.
Колоните возила кои со часови мируваат во место испуштаат токсични гасови, а бучавата стана неизбежен дел од градскиот пејзаж.
„Да се разбудиш со звук на автомобил што свири и да заспиеш со истиот звук – тоа е нашата реалност“, вели студентот Никола од Ѓорче Петров.
Б.З.М.



