„Си мислев дека ќе ми биде мирно кога ќе заминам во пензија, ама со овие цени… морам пак да фаќам работа“, раскажува 69-годишниот Димитар, поранешен вработен во државна фирма, кој денеска продава зеленчук на Бит-пазар.
Сè повеќе пензионери низ Македонија повторно се приклучуваат на пазарот на труд само за да можат да состават крај со крај.
Просечната пензија едвај ја достигнува потрошувачката кошничка, а кога ќе се додаде фактот дека лековите, сметките и храната постојано поскапуваат, многу луѓе на возраст над 65 години се принудени да бараат дополнителен приход.
Според податоците, секој четврти пензионер се обидува да најде некаква работа – од сезонски ангажмани до физичка работа која им го троши последниот атом енергија.
Љубица од Кисела Вода, 72 години, некогашна текстилна работничка, денеска чисти скали во станбени згради.
„Никогаш не сум помислила дека на стари години ќе држам партал и кофа во рака. Но, пензијата ми е 17.000 денари. Само за струја и лекови ми одат 9.000. Ајде живеј после тоа“, вели таа, воздивнувајќи.
Економистите предупредуваат дека оваа слика ќе стане уште почеста ако не се најдат нови модели за поддршка.
„Со моменталната динамика на цените и растот на пензиите, пензионерите се наоѓаат во замка. Работат за да преживеат, а здравствено се најранливи“, појаснуваат експертите.
Но, во меѓувреме, секојдневието останува сурово. Некои пензионери ја прифаќаат работата и како начин да не стагнираат.
„Барем имам со кого да позборувам, не седам сам дома“, ни рече Петре, вработен во пекарница во населба Карпош.
Но, и самиот признава дека тоа не е избор од удобност, туку од нужда.
„Да беше само за џабе да седам со луѓе, ќе одев во парк. Ама морам да ја дополнам пензијата. Во спротивно – празна маса“, додава тој.
Секоја генерација сонува мирни пензионерски денови, а сè повеќе од нашите постари сограѓани ги минуваат во мака, работејќи со изнемоштени тела и малку надеж дека ќе биде подобро. Прашањето е – до кога?
Б.З.М.



