Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царина од 200 проценти на увозот на кинески стоки ако Пекинг не воспостави сигурни залихи на ретки земни магнети за САД.
„Тие мора да ни ги дадат магнетите. Ако не ни ги дадат магнетите, ќе мора да им наплатиме царина од 200 проценти или нешто слично“, рече Трамп во понеделникот во Белата куќа за време на состанокот со јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг.
Американскиот претседател призна дека ваквите екстремни мерки во пракса би ја запреле трговијата со Кина, додавајќи дека ова сценарио, доколку е потребно, би било прифатливо за САД.
Ретките земни елементи се клучни суровини за модерната технологија и се користат во производството на мобилни телефони, ветерни турбини, електрични возила и воена опрема. Магнетите направени од овие метали играат особено важна улога.
Кина е водечка земја во светот во производството и преработката на ретки земни елементи, додека САД се потпираат на увоз. Во екот на трговскиот конфликт, Пекинг претходно го ограничи извозот на ретки земни метали и магнети, објави агенцијата Хина.



