Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ја разрешил Лиза Кук, гувернерката на Федералните резерви (ФЕД), од таа позиција, обвинувајќи ја за измама со хипотеки.
Во писмо до Кук, Трамп рече дека има „доволно докази“ дека Кук дала лажни изјави во договорите за хипотеки, а Федералната агенција за финансирање на домување поднесе барање до Министерството за правда за разрешување на гувернерката.
„Најмалку, спорното однесување покажува таков вид небрежност во финансиските трансакции што ја доведува во прашање вашата компетентност и доверливост како финансиски регулатор“, се вели во писмото.
Трамп додаде дека разрешувањето на Кук, првата афроамериканка на таа позиција, било неопходно за да се спроведе законот, објави ABC.
Кук рече дека Трамп „нема овластување“ да ја разреши и дека таа ќе продолжи да ги извршува своите должности, а нејзиниот адвокат, исто така, забележа дека се во тек правни дејствија, велејќи дека ќе се преземат „сите потребни чекори“ за да го блокираат „обидот за нелегално дејствување“ на Трамп.
Минатата недела, Трамп ја повика Кук да поднесе оставка на истиот ден кога Бил Пулт, директорот на Федералната агенција за финансирање на домување, објави дел од писмото од 15 август до американската обвинителка Пам Бонди, обвинувајќи ја Кук за фалсификување на банкарски документи и евиденција за недвижности за да добие подобри услови за кредит, „потенцијално иницирајќи измама со хипотеки“, се вели во писмото.
Во изјава дадена на ABC News минатата недела, Кук рече дека дознала од медиумите за писмото на Пулт, во кое се бара кривична постапка за хипотекарни барања што датираат од пред нејзината работа во Федералните резерви.
Кук беше номинирана за член на одборот на директори во 2022 година од поранешниот американски претседател Џо Бајден, а нејзиниот мандат трае до јануари 2038 година.



