ПочетнаЕКОНОМИЈАВозачи барани како злато – платите во Европа трипати повисоки од нашите

Возачи барани како злато – платите во Европа трипати повисоки од нашите

Иако транспортните компании во Европа, Русија, па и кај нас во Македонија, се трудат да ги модернизираат возните паркови со најсовремени камиони – проблемот останува ист: нема доволно професионални возачи.

Парадоксот е очигледен – возилата стојат паркирани, а товарот чека на рампа, бидејќи зад воланот нема кој да седне.

Eвропа под притисок

Европската Унија проценува дека недостасуваат околу 600.000 возачи. Само Германија има дефицит од повеќе од 70.000, а Франција од околу 50.000. Во Полска – земја која важи за транспортна сила – бројката надминува 120.000 празни возачки позиции.

Во Британија, пак, проблемот кулминираше по „Брегзит“ и пандемијата. Таму недостасуваат над 60.000 возачи, што доведе до празни полици во супермаркетите и сериозни доцнења во испораките.

„Секој изгубен возач значи застој во синџирот на снабдување“, предупредуваат од британската асоцијација за транспорт.

Еден германски превозник за медиумите изјави:

„Имаме нови камиони со автоматска контрола, со климатизација, со најнова технологија, а возачите што ќе ги управуваат – ги нема. Младите не сакаат да седат по 12 часа на пат и да спијат по мотели“.

Руската слика не е различна

Во Русија, според транспортните здруженија, недостигот достигнува и до 20% од вкупната потреба.

Тоа значи дека секој петти камион може да остане без возач. Причините се слични – тешките услови на работа, ниските дневници во споредба со одговорноста и заморот што го носи професијата.

Многу од искусните возачи заминуваат во пензија, а новите генерации ретко гледаат иднина во овој занает.

Како е кај нас?

И во Македонија ситуацијата станува алармантна. Превозничките здруженија проценуваат дека на пазарот моментално недостасуваат околу 3.000 професионални возачи.

Но проблемот е уште понагласен кога ќе се споредат платите.

Просечна македонска плата за возач на камион со меѓународен транспорт е меѓу 700 и 900 евра месечно. Домашните линии плаќаат уште помалку, често околу 500–600 евра.

Словенија – истата работа носи 1.500–1.800 евра нето.

Германија – возачите добиваат меѓу 2.000 и 2.500 евра, а со дневници и бонуси некои стигнуваат и до 3.000 евра месечно.

„Не е проблем да набавиме камион, проблем е да најдеме кој ќе го вози,“ вели еден скопски транспортен сопственик. „Ми се случува да вработам возач, а по три месеци да ми каже – одам за Германија. Таму иста работа, но двојна плата“, додава тој.

Каде е решението?

Експертите предлагаат неколку насоки: зголемување на примањата, субвенционирање на обуки за млади возачи, подобрување на условите за работа и создавање јасна патека за кариерен развој.

Но, тоа бара волја и кај државата и кај компаниите.

Додека тоа се случи, сцената е следна – супермодерни камиони стојат на паркинг, товарот доцни, а возачите што некогаш беа столб на економијата – стануваат сè поретка појава.

Б.З.М.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП