„Apple“ подготвува радикални промени на својот најпознат производ во текот на следните три години, а сè ќе започне оваа есен.
Според Марк Гурман, компанијата планира секоја година да воведува сосема различен модел на „iPhone“. Првиот во серијата ќе биде „iPhone 17 Air“, кој ќе пристигне во 2025-та година како замена за верзијата „Plus“. Телефонот ќе биде значително потенок од претходните генерации, но со помала батерија за да се постигне минималистички дизајн.
Една година подоцна, во 2026-та година, се очекува голем пресврт – „iPhone 18 Fold“, првиот преклопен модел. Уредот треба да има надворешен екран од 5,5 инчи и главен, преклопен екран од 7,8 инчи. Според аналитичарите, ќе има четири камери, ќе се врати „Touch ID“, а физичкиот слот за SIM картичка целосно ќе исчезне.
За годишнината, во 2027-ма година, „Apple“ планира специјално издание – „iPhone 20“. Овој модел ќе одбележи 20 години од „iPhone“ и ќе донесе дизајн целосно од стакло со заоблени рабови и екран без никакви исечоци. Дизајнот ќе биде во согласност со естетиката „Течно стакло“ воведена од „iOS 26“.
Покрај „iPhone“, се очекуваат голем број нови уреди и ажурирани верзии на постоечките: „HomePod“ со екран, помоќен „Apple TV“, „MacBook“ со M5 чип, нови „AirPods Pro“ и „Max“, како и подобрен „Apple Watch“.
Доколку најавите се остварат, следните три години ќе ги донесат најголемите промени во линијата мобилни уреди на „Apple“ од првиот „iPhone“.



