„Клучот на врата и тишина во дуќанот – тоа е најтешкиот момент за еден човек кој цел живот работел со раце“, ни раскажува Драган, чевлар од Скопје.
Триесет години стоел зад машината, лепел и шиел чевли, а денес неговата работилница е празна.
„Младите не доаѓаат. Ниту да купат, ниту да научат занает. Сите бараат брза заработка. Јас не можам да ја издржам киријата и струјата“, објаснува Драган.
Ваквата сцена не е реткост. Сè почесто низ Македонија се гледаат спуштени ролетни на дуќани – некои со рачно испишано „се издава“, други едноставно оставени да пропаѓаат.
Весна, шнајдерка од Битола, ја водела работилницата што ја наследила од мајка си. Но, пред три месеци се откажала.
„Клиенти имаше, ама само за поправки. Луѓето не нарачуваат ново, носат евтини увозни алишта од Турција или од Кина. Јас ако шијам кошула, мора да ја наплатам барем 1.000 денари. А во продавница ја наоѓаат за 600“, вели таа, додавајќи со иронија: „Занаетчиите денес се како некој сувенир – луѓето доаѓаат, гледаат, се чудат дека постоиме, и толку“.
Економистите предупредуваат дека малите занаетчиски работилници се најранливата категорија во услови на високи трошоци и ниска побарувачка.
„Имаме двоен удар – од една страна, раст на кириите, струјата, материјалите, а од друга страна, навика на купувачите да бараат најевтино. Тоа е неподнослива комбинација за мал бизнис кој нема обем и сигурен пласман“, коментираат експертите.
Дополнителен товар се и бирократските процедури.
„Секоја инспекција што ќе влезе, бара нешто – било фискален апарат, било декларации. Ние сме мали дуќанчиња, не сме фабрики“, се жали Сашо, златар од Куманово, кој размислува да замине во Германија кај ќерката.
Занаетчиите велат дека не бараат државни субвенции колку што бараат фер услови за работа.
„Да ни намалат данок, да ни дадат можност за евтини кредити, да се стимулираат младите да учат занаети. Тоа би било доволно,“ вели Љилјана, фризерка која се бори да го одржи студиото што го отворила со сопругот уште во 90-тите.
Но младите ретко се решаваат за вакви патишта.
„Најголем проблем е што немаме кому да го пренесеме знаењето. Децата сакаат ИТ, маркетинг, Германија… А ние старееме“, признава Лилјана.
Б.З.М.



