Грција започна нова акција против нелегалното „резервирање“ на плажите, појавата што со години ги револтира и локалците и туристите.
Со камиони, багери и во присуство на полицијата, чадори, лежалки и маси што останале на песокот преку ноќ – исчезнуваат за неколку минути.
„Ова не е ништо друго освен узурпација на јавниот простор. Морето и плажата им припаѓаат на сите, а не на оние што мислат дека со неколку чадори можат да си загарантираат место“, коментира за локален медиум жител на Халкидики.
Што велат властите
Министерството за туризам и општинските инспекции порачаа дека мерките се преземаат за да се стави крај на навиката плажите да се претвораат во „приватни имоти“.
Законот е јасен – секој реквизит мора да се поставува и да се отстранува во рамките на денот. Сè што ќе остане по полноќ се смета за незаконски објект.
„Имавме ситуации каде цели делови од плажата беа блокирани од бизниси или поединци кои ги оставаа лежалките и чадорите со денови. Тоа е недозволиво“, вели претставник од полицијата во Пиерија.
Реакции од туристите
Додека едни аплаудираат, други – пред сè оние што секоја година вложуваат во сопствени чадори и масички – негодуваат.
„Не правиме ништо лошо, само сакаме да најдеме сенка кога ќе стигнеме со децата. Но, ако не оставиме од вечер, наутро веќе нема слободно место“, објаснува семејство од Солун.
Туристи од Балканот, пак, велат дека ваквата акција носи ред.
„Доаѓаме за одмор, а не да се караме за квадрат песок. Добро е што конечно се воведува дисциплина“, вели посетител од Нови Сад.
Слични акции веќе се спроведуваат на Крит, Родос и на Крф. Властите уверуваат дека акцијата ќе продолжи и во наредните недели.
Прашањето што останува е: дали навистина ќе се успее да се искорени оваа практика или по неколку недели сè ќе се врати во старите навики? Одговорот ќе го покаже само времето, следното лето.
Б.З.М.



