Асфалтираната патека што ги поврзува Горно Нерези, односно манастирот „Свети Пантелејмон“ со Средно Водно, веќе подолго време претставува вистинска мака за скопјани.
Наместо да биде безбедно прибежиште за прошетка, релаксација и спорт, таа се претвори во хаотичен коридор каде рекреативците и возачите на автомобили буквално се борат за простор.
„Излегов со двете деца да прошетаме, очекувавме мир и чист воздух, а наместо тоа – постојано гледавме зад нас дали некој автомобил ќе нè прегази. Брзо возат, како на трка. Искрено, се вративме порано дома, револтирани“, раскажува Даниела, мајка од Тафталиџе.
Сцените за време на викендите се речиси идентични: стотици луѓе – млади, стари, семејства со колички, велосипедисти – го исполнуваат патот. Но, секој чекор е проследен со звук на мотори, чад од ауспуси и страв дека ќе наиде автомобил со голема брзина.
„Човек оди да дише свеж воздух, а се гуши од издувни гасови. Да не зборувам за тоа што не можеш ниту да се опуштиш – постојано си на штрек. Имам впечаток дека некои возачи намерно притискаат на гас, како да сакаат да покажат дека тоа е нивен пат“, вели Александар, редовен посетител на патеката.
Жителите што редовно го користат овој дел од планината се едногласни во барањето: улицата да се затвори за автомобилски сообраќај, барем за време на викендите и празниците.
„Не бараме многу – само мир и безбедност за нас и за нашите деца. Ако градот сака да промовира здрава животна средина и спорт, тогаш ова е првиот чекор“, нагласува Мирјана, која со сопругот и малото дете секоја недела оди на прошетка до манастирот.
Одредени граѓански здруженија веќе најавуваат дека ќе упатат официјален апел до Град Скопје и до надлежните институции. Според нив, практиката да се затвораат одредени патишта за сообраќај за време на викенди постои во повеќе европски градови и дала исклучително добри резултати.
Б.З.М.



