Само десетина минути возење од центарот на Скопје, а чувството е како да сте заминале неколку децении наназад.
На патот што се искачува над манастирот „Свети Пантелејмон“ сега повторно ве пречекува „Македонско село“ – место што изгледа како филмска сцена од некоја стара македонска приказна.
Камените куќички со дрвени чардаци и калдрмата што крцка под нозете создаваат впечаток дека сте во вистинско село, само што овојпат сте на падините на Водно.
Комплексот е осмислен како етно-атракција, но не изгледа како музеј во кој не смеете да допрете ништо. Напротив – просторот е жив, полн со посетители, со мирис на скара што се шири од кујната и со семејства кои го користат секој агол за фотографија или за одмор на чардак.
За многумина ова е совршена викенд дестинација: децата безбедно трчаат низ дворот, а возрасните се задржуваат на терасите со поглед кон градот.
Туристите пак, тука набрзина ја откриваат македонската култура на едно место – архитектура, амбиент и трпеза.
Ресторанот е само продолжение на целата приказна. Менито е составено од традиционални јадења, едноставно сервирани, како да сте дошле на гости кај некого во село – салата со свеж зеленчук, скара на жар или тавче-гравче со селска лепиња.
А цените? За еден просечен ручек со салата, главно јадење и пијалак, ќе потрошите приближно колку и во подобар скопски ресторан – околу 700 до 800 денари по лице.
Со десерт и чаша вино, бројката лесно се качува до 1.000, а семејство од четворица ќе заврши со сметка од 3.000 до 4.000 денари, зависно од изборот.
Иако не е најевтиното место во градот, многумина велат дека вреди – токму поради спојот на традицијата и мирот што го нуди ова мало „село“ над Скопје.
Б.З.М.



