ПочетнаЕКОНОМИЈАРегионот се подготвува за исфрлање на кешот, ние одиме во спротивен правец?!

Регионот се подготвува за исфрлање на кешот, ние одиме во спротивен правец?!

Народната банка најави дека ќе почне со икницирање на законски измени кои ќе придонесат за помасовно користење на таканаречената платежна сметка со основни функции. Од Централната банка сметаат дека доколку се олеснат условите за користење, многу граѓани ќе ја употребуваат оваа платежна сметка.

Оваа одлука на Гувернерот на Народната банка Трајко Славески доаѓа во време кога албанскиот премиер најавува дека Албанија ќе биде првата држава од Европка каде нема да се користи готовина, туку ќе се плаќа се електронски. Експертите со години алармираат дека намалувањето на користење на кеш значително може да ја намали корупцијата. 

Тоа што сега настојува да направи Гувернерот Трајко Славески е измените на Законот за платежни услуги и платни системи, да отстранат дел од постојните ограничувања и значително да ги прошират услугите што граѓаните ќе можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции.

Како најзначајни новини кои се предлагаат од страна на Народната банка се, можноста за дозволено пречекорување, можноста да се поседува платежна сметка со основни функции, дури и ако потрошувачот има други сметки, како и проширен сет бесплатни или евтини услуги – покрај интерните.

Тоа ќе ги вклучи и меѓубанкарските електронски трансфери, издавањето дебитна картичка и до четири подигнувања готовина месечно од банкоматите на други банки во износ до 2.000 денари по трансакција.

Дополнително во овој сет влегуваат и други услуги коишто и досега можеа да ги користат граѓаните, односно уплатите и подигнувањата готовина на банкоматите и шалтерите на банката, користењето на електронското и мобилното банкарство, како и плаќањата со платежна картичка на физичките продажни места и во интернет-трговијата.

„Предлагаме цената на услугите коишто ќе може да се користат преку платежната сметка со основни функции, да биде поврзана со износот на минималната бруто-плата во земјава и да биде утврдена најмногу на 0,1% од неа, па согласно важечката минимална бруто-плата за 2025 година, таа би изнесувала 36 денари на месечно ниво. За граѓаните коишто ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно т.н. ранливи категории граѓани, овие услуги ќе бидат целосно бесплатни“, – велат од Народната банка.

Гувернерот не смета дека на овој начин може да се подгрее сивата економија и поголемата употреба на готовината да предизвика можност за повисок степен на корупција. Тој за најавите на Албанија за преминување кон 100 проценти плаќање со картичка вели дека тоа не е реално барем не засега. И додева дека голем број на граѓани се уште користат готовина од најразлични приливи, а особено тоа се случува во помалите места за живеење.

Амбицијата на премиерот Еди Рама е Албанија да ги укине плаќањата во готово до 2030 година. Ова би можело да ја преврти земјата наопаку. Албанците повеќе претпочитуваат да чуваат готовина под своите душеци, отколку во банките. Но, ако на Еди Рама му се оствари желбата, Албанија би станала првата безготовинска економија во светот.

Народната банка најави дека ќе работи со банките и на воспоставување национална мрежа на банкомати за подобар пристап до готовина низ целата земја. Оваа идеја би се остварила најдоцна до крајот на наредната 2026 година. Покрај ова, Народната банка ќе предложи и приспособен пакет за микротрговци, најчесто семејни бизниси коишто имаат ограничени ресурси, со цел да се поттикне финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата.

А со години веќе експертите од даночната политика, велат дека треба да се направат репресивни мерки за што помало ниво на вадење на пари од банкомати. Образложението е дека многу тешко може да се следи трагот на кешот, додека електронските трансакции се многу подобри за следење и на тој начин се намалува можноста да се направи било каков обид за коруптивна зделка.

И.П.

ТРЕНДИНГ

ХОРОСКОП