Онлајн бизнисите одамна не се новина во светот, но кај нас во Македонија, сè уште ги откриваме правилата на играта.
Идејата да се заработува преку интернет звучи едноставно, но зад секоја успешна приказна стои внимателна подготовка, инвестирано време и стратегија.
Само со отварање на веб-страница или Фејсбук страница – не оди. Треба повеќе од тоа. Многу повеќе.
Првиот чекор – идеја што решава проблем
Секој онлајн бизнис започнува од едноставно прашање: Што продавам и кому му треба тоа?
Ако одговорот е јасен и пазарот е доволно голем, тогаш веќе е направен половина чекор напред.
„Нема успешен бизнис без производ или услуга што навистина му носи корист на купувачот,“ вели економскиот аналитичар Ведран Кузмановски. „Може да е козметика, дигитален курс или храна – важно е да решава реален проблем или потреба“.
Технички предуслови – интернет, платформи, логистика
Второто прашање е: како да стигнам до клиентот? Во Македонија, најчесто преку социјалните мрежи – Фејсбук и Инстаграм.
Но, експертите препорачуваат да се инвестира и во сопствена веб-страница, затоа што таа дава поголема доверба и контрола врз продажбата.
Онлајн плаќањата се уште една клучна точка. Домашните купувачи се навикнати на „плати при достава“, но постепено расте интересот и за електронски плаќања.
„Младите генерации немаат проблем да внесат картичка, додека повозрасните сè уште сакаат курир на врата“, велат маркетинг консултантите.
Маркетинг – да ве забележат меѓу илјадници
Не е доволно да имате добар производ ако никој не знае за него. Затоа маркетингот е речиси половина од успехот.
Спонзорирани објави, професионални фотографии, искрени рецензии од задоволни купувачи – сето тоа гради доверба.
„Најголемата грешка кај домашните онлајн продавачи е што мислат дека е доволно само да отворат страна и да чекаат. Клиентите мора да се освојуваат секој ден, со приказни, со транспарентност, со искреност“, коментираат експертите.
Регулатива и доверба
Да се отвори онлајн бизнис не значи да се работи во „сива зона“. Според законот, секоја онлајн продажба треба да биде регистрирана и пријавена.
Дел од продавачите тоа го избегнуваат, но на долг рок губат, бидејќи без фискална дисциплина нема партнерства со поголеми компании, ниту кредибилитет пред купувачите.
„Купувачите денес се многу повнимателни. Пред да купат, проверуваат коментари, бараат информации за фирмата, се информираат. Довербата се гради бавно, а се губи за една минута“, велат познавачите.
Б.З.М.



