Да се има сопствен стан на море, некогаш тоа звучеше како сон дури и за оние со подлабок џеб.
Денес, сликата е малку поинаква. Огласите за недвижнини во Грција, Албанија и во Црна Гора се шират по социјалните мрежи, па дури и на македонски јазик, а понудата е разновидна: од гарсоњери од 30-тина квадрати, до луксузни апартмани со поглед на морето.
„32 квадрати во Неи Пори за 62.000 евра. Ова е цената која ја плаќате денес за имот на прва линија до плажа“, велат агенти за недвижности што посредуваат за купувачи од Македонија.
Во Саранда, пак, за 52 квадратни метри бараат 73.000 евра. Цените не се повеќе оние „бајковити“ од пред десетина години, но во споредба со реалноста дома – и не звучат толку недостижно.
Интерес кој не стивнува
И покрај порастот на цените, интересот не опаѓа.
„Можеби денес нема да најдете стан за 40.000 евра, како што се нудеше пред десетина години на Халкидики. Но, побарувачката останува силна, затоа што луѓето сакаат да имаат нешто свое покрај море“, објаснува еден агент од Скопје.
Социјалните мрежи се преполни со реклами, а се појавија и специјализирани агенции кои нудат целосен пакет – од разгледување до завршување на документите.
„Наши државјани немаат ограничување за купување имот во Грција и Албанија. Постапката е релативно едноставна – важно е само имотот да има чисти папири“, додава друг посредник.
Реалност што се споредува со скопските цени
Иронијата е во тоа што денес квадрат на море, во дел од понудата, чини приближно колку квадрат во строгиот центар на Скопје.
„Кога ќе ја споредите цената за стан во Валона или Паралија со новоградбите во Дебар Маало или Карпош, ќе видите дека разликата не е драстична“, вели економски аналитичар кој ја следи регионалната реалност на недвижнините.
Секако, ваквата инвестиција има и свои ризици – од различни даночни режими, до дополнителни трошоци за одржување. Но, тоа не ги запира луѓето.
„Еднаш кога ќе се видиш како седиш на своја тераса со поглед кон морето – тешко е да размислуваш за цифрите“, признава купувач од Битола кој неодамна се решил за апартман во Албанија.
Б.З.М.



